Карлос Алкараз го загуби мечот од 2. коло на УС Опен. Шпанскиот тенисер кој беше еден од главните фаворити за освојување на пехарот беше совладан во три сета од Холанѓанецот Ботик Ван де Зандшлуп. 74. рангиран тенисер во светот славеше со 6:1, 7:5, 6:4 во меч кој траеше 2 часа и 21 минута од натпреварот.
Алкараз вака рано не се збогуваше со турнирот во најсилната категорија уште од Вимблдон во 2021 година, кога беше 75-ти тенисер на АТП-листата. Во Њујорк, Алкараз, кој моментално се наоѓа на третото место во светот, бараше трета последователна Гренд слем титула, откако претходно ги освои Вимблдон и Ролан Гарос.
Ова беше прва победа на Ван де Зандшулп во третото соочување со Алкараз.
„Останав без зборови. Ова беше неверојатно. Полн сум со самодоверба по победата против Денис Шаповалов и од првиот поен одиграв цврсто и добро. Верував во себе и гледате како заврши“, изјави Ван де Зандшулп.
Со победата против Алкараз, Ван де Зандшулп ја прекина долгата серија од 43 порази на холандските тенисери против играчи од топ 10 во светот на Грен слем турнирите. Ниту една земја во светот немала толку долга активна серија.