Коментар на 4.коло: Шкендија си е Шкендија, шампионот им се врати на победите, Брера си реди порази…

509

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Во саботата се одиграа сите шест средби од 4.коло во ПМФЛ. Секако дека Воска Спорт со убедливата победа над Вардар е најпријатното изненадување на колото.

Охриѓани одиграа квалитетно и заслужено победија. Во манир на голем спортсмен, по се она што се случи со Шкупи и Воска, Горан Петрески – Чунга си даде оставка, а од денес нов стратег на Вардар е Срѓан Захариевски, некогашен фудбалер на нашиот најтрофеен клуб и еден од најдобрите стратези во моментов во Македонија, сигурно меѓу ТОП-5.

Сега Срле има две недели да се зафати со работа, да го дигне тимот и да покаже дека Вардар е Вардар.

А Шкендија си е Шкендија. Не блескаше, но и не ризикуваше против Пелистер. Си победи со 2:0, си освои нови три бода и сега сама е лидер на табелата. Оваа Шкендија се наметнува како еден од најголемите кандидати за титулата.

Вториот секако дека шампионот, тимот на Струга ТЛ. Добра игра со Брера, доминанта, знаеше што сака и знаеше дека овој меч е од голема важност, и тој меч го доби. Тренерот Ќатип Османи и на овој меч комбинираше, го бараше идеалниот состав, јасно е дека ќе мора уште некое време да мине за да Струга ТЛ почне да блеска. Сепак кога те краси победничкиот, шапионскиот менталитет, се е полесно.

И Ќато има две недели време, поради репрезентативната пауза, да види каде шкрипи, каде треба да се поправа.

Силекс успеа да го победи Шкупи, секоја чест, но четата на Васоски ќе мора и од гости да носи бодови.

И тоа како она што го прави Работнички. Дома сигурно победува, од гости по бодче и затоа тимот од Дебар Маало е на делба на 3.место со само два бода минус во однос на лидерот Шкендија.

Во Кавадарци се играше дербито. Две силни екипи, но ни Тиквеш ни Гостивар не ризикуваа премногу и затоа на крај беше 0:0.

Да не заборавиме на Брера. По победата над Вардар во 1.коло сите воодушевено говоревме, пишувавме, па дури и потписникот на овие редови, дека струмичани се кандидати за највисок пласман.

Ме искара колегата дека сум погрешил. Дека Брера допрва ја чека потоп и ете така е. Некогаш се греши, првиот впечаток е погрешен.

А кога ќе погрешам, знам и да кажам дека сум погрешил и дека колегата бил во право.

Круљ не е веќе тренер на Брера, конечно и раководството на Брера сфати дека и во Македонија има добри тренери. Па не се што доаѓа од север е добро, нели?

Посебно не ако има “само“ 35 години.

Следува пауза од две недели поради репрезентативните настапи, а со нашиот прволигашки фудбал ќе се занимаваме повторно од 15 септември.

ПретходноСРЕЌНИ ВЛТ ВЕСТИ: СКОПЈАНЕЦ ОСВОИ СУПЕР МИЛИОНЕР ВРЕДЕН 5.579.167 ДЕНАРИ
СледноТФТ организатор на меморијален турнир „Андреј Грковски – Тафта“, ќе играат и МЗТ Скопје и Работнички!