Познати термините за ЛШ: И Струмица и Работнички домаќини во салата „Парк“ во Струмица

285

Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) ги одреди термините за првите натпревари на македонските шампиони Струмица и Работнички во елиминациските кола од ЦЕВ Лигата на шампионите. Интересно е што и Струмица и Работнички ќе бидат домаќини во салата „Парк“ во Струмица.

Ако за шампионот во машка конкуренција тоа е матична сала, за шампионките од Скопје ќе биде принудно решение, бидејќи во терминот кога е закажан дуелот двете најголеми сали во градот кои се прифатливи за меч од оваа категорија се зафатени. Како што потврдија од Работнички, поради тоа екипата ќе мора да се пресели во Струмица и таму да ја има улогата на домаќин на првиот меч со романскиот шампион Волунтари.

Струмица во рамките на 1. коло од квалификациите во ЦЕВ Лигата на шампионите ќе го пречека грчки Олимпијакос и тоа на 17 септември од 19 часот. Судии на мечот ќе бидат Ивајло Иванов од Бугарија и Мациеј Твардовски од Полска.

Работнички својот меч со Волунтари ќе го одигра на 2 октомври во салата „Парк“ во Струмица. Дуелот е закажан со почеток од 19 часот, а судии на средбата ќе бидат Ердал Акинчи од Турција и Константин Јовчев од Бугарија.

Реванш натпреварите се една недела подоцна.

ПретходноАнчелоти: Изгледаме подобро, Мбапе не е под притисок дека мора да дава голови
СледноТен Хаг: Јас не сум Хари Потер, но верувам дека можеме да се бориме за трофеј