УЕФА најави намалување на максималните цени на билетите што секој клуб-домаќин во европските клупски натпреварувања може да ги наплати на гостинските навивачи. Одлуката беше одобрена од Комитетот за клупски натпреварувања на УЕФА, кој според своето мислење ја истакна улогата на навивачите во создавањето на посакуваната возбудлива атмосфера. Почнувајќи од претстојната групна фаза, максималната цена за гостинските симпатизери во Лигата на шампионите ќе биде 60 евра, во Лига Европа 40 евра и 20 евра во Конференциската лига.
Овие цени дополнително ќе се намалат од следната сезона 2025/26, се наведува во соопштението на УЕФА. Се очекува од следната година максималната цена во Лигата на шампионите да биде 50 евра, 35 во Лига Европа и да остане непроменета само во Конференциската лига каде ќе продолжи да изнесува 20 евра.
Од европската фудбалска централа информираат и дека одлуката за овие цени е донесена по опсежни разговори со Европската клупска асоцијација и колективното тело на европските навивачи.