Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, продолжува да ја има целосната поддршка од спортската и техничката управа на клубот и покрај лошиот почеток на сезоната.
Во текот на летото, „црвените ѓаволи“ претрпеа голем број промени во врвот на тимот, при што Омар Берада ја презеде функцијата извршен директор, Ден Ешворт беше назначен за спортски директор, а Џејсон Вилкокс пристигна од Саутемптон како технички директор.
Токму првите двајца застанаа пред англиските медиуми и му изразија поддршка на Тен Хаг, нагласувајќи дека изборот тој да остане на функцијата е направен пред нивното пристигнување на „Олд Трафорд“.
Летото Манчестер Јунајтед потроши над 200 милиони евра на нови играчи, но и покрај ова стартот на сезоната не беше толку охрабрувачки, дозволувајќи два порази во првите три натпревари.
„Многу е ретко кога доаѓате во нов клуб како спортски директор, а нема менаџер. Сè што можам да кажам е дека навистина уживав во работата со Ерик во изминатите осум недели. Мислам дека моја работа е да го поддржам на секој можен начин и без разлика дали тоа е оперативно, без разлика дали тоа е преку реновирање на тимот, доведување нови играчи, медицински проблеми, психологија или само ако има протекување на базата. Мојата работа е да преземам што е можно повеќе од тој товар за да може да се фокусира на теренот за тренинзи и на тактичкиот план за игра за да го направи Манчестер Јунајтед успешен“, изјави Ден Ешворт.
Тој беше поддржан од извршниот директор Омар Берада, кој исто така изјави целосна поддршка за Тен Хаг, иако Холанѓанецот повторно претрпе многу критики во локалниот печат за настапот на „црвените ѓаволи“.
„Дали сè уште му веруваме на Ерик? Апсолутно. Мислиме дека Ерик е вистинскиот тренер за нас и целосно го поддржуваме. Договорно, тоа беше одлука која беше донесена пред двајцата да пристигнеме, но ние сме многу задоволни со тоа. Ерик ја има нашата целосна поддршка и ќе продолжиме да работиме заедно, како што рече Дан, за да му помогнеме да постигне најдобри резултати“, додаде Омар Берада.