Стартот на новата сезона во ракометниот шампионат ќе ја означи битката за трофејот во Супер Купот. Во салата „26 април“ во Гевгелија ќе се одигра седмото издние во ова натпреварување, а на теренот силите ќе ги одмерат актуелниот првак, Пелистер и актуелниот освојувач на Купот на Македонија, Алкалоид.
Битолчани и оваа сезона повторно ќе влезат со промени во ростерот со тоа што задржаа дел од минатогодишниот состав. Големиот број на странци дополнет со македонски имиња го става Пелистер фаворит против Алкалоид. Кирил Лазаров повторно ќе настапи со млад состав, со тоа што истиот ќе биде потпрен на мал број на искусни ракометари, бидејќи целта останува иста – домашни пред странски имиња за развој на националниот спорт.
Иако Алкалоид ја нема фаворитската улога сепак покажа дека може да ги казни посилните противници, а на тоа на своја кожа најдобро го почувствува составот на Бранислав Ангеловски и тоа во финалето на Купот на Македонија. Пехарот сосема заслужено отиде во рацете на младите момци на тимот од Автокоманда.
Дуелот е закажан со почеток во 19 часот, а истиот ќе биде директно пренесуван на МРТ.
Последниот пехар во Супер Купот го освои Вардар, додека во 2021 и 2022 година истиот му припадна на Пелистер, „црвено-црните“ беа победници и во 2017, 2018 и 2019 година. Во 2020 година не се одржа поради коронавирус.