КАНТАларовски за спомен од Амстердам

944

✍️ Огнен Чак Дојчиновски

Има една стара македонска изрека која што вели, „Ако е за аир, доста е“. Епа господине Драган Канатларовски Цапар, доста е. Селектору на репрезентацијата на Македонија до 21. година доволно видовме од вас, од вашето знаење, драгоцено искуство и непроценлив фудбалски сенс. Доволно им пренесовте на оние кои треба да бидат носители на А репрезентацијата за многу кратко време. ВРЕМЕ е да си одите.

Ова не го пишува потписникот на овие редови, ова го пишува цела македонска фудбалска јавност, ова го кажува исходот и статистиката на штотуку завршениот дуел од актуелните квалификации каде што Македонија на гостувањето во Холандија загуби со катастрофални 5:0. Резултатот е ужасен, но статистиката е погубна. Ние не шутнавме на гол. Ама навистина. Не со „уличен израз“, абе „на гол не шутнавме“…. ние навистина немавме удар на гол цели деведесет минути. Наспроти цели 24 од спротивната страна од кои пет завршија во мрежата на Алчевски. Холандија е таа што е, ама ние не смееме да си дозволиме повеќе вакви дебакли.

Сликата од Амстердам е потврда за уште една загубена генерација, за која сметавме, и бевме убедени дека има потенцијал и квалитет, но на терен истата тоа не го покажа. За ова мора да има кривец, а тоа по дифолт секогаш е селекторот. Зошто? Затоа што очигледно дека тој е оној кој што не знаел, не умеел, не бил доволно кадарен за да го извлече максимумот. Ние си ги познаваме нашите квалитети, не летаме во облаци, но сме убедени дека можеме повеќе од ова. Да, можеме, ама со друг селектор. Овие квалификации, имаат уште некоја епизода, што на домашен терен, што на гости, а ние имаме само шест бода на нашето конто и сме предпоследни.

Отворено прозиваме на одговорност, и на она што се вели отчет за сработеното. Ова не е нечија своина (важи не само за Канатларовски, туку и за се останато што има титула селектор во моментов), па да се влечат потези од „ракав“ и да се прави што се сака.

На гостување кај лидерот во групата, не се оди без најдобрите играчи Лука Станковски и Методиј Максимов (кој што за жал во меѓувреме потешко се повреди), со оправдување дека таму ќе се браниме па не требаат офанзивци!? Па што воопшто одевме таму? Што баравме таму? Менуваме генерација? Играме со оние што имаат минутажа само!? Хаха, ова последново нешто ова ми е познато, ама и тешко разбирливо, а во нашата пракса и неизводливо. Ние немаме капацитет да се откажуваме од најдобрите играчи во ниту еден момент, па ниту во ситуација кога немаме веќе шанси за пласман понатаму.

Во репрезентација треба секогаш да играат најдобрите, а истата да ја водат најдобрите. Според резултати, а тоа КАНТАларовски секако дека не е.

ПретходноДимитријевиќ беше дел од спектаклот во Загреб во чест на Дражен Петровиќ
СледноСрбија издржа против европскиот првак, Хрватска загуби од Португалија