Во Битола оправдано вознемирени – се бара одговорност!

6638

Марија Ковачева

Во Гевгелија синоќа видовме два различни ракомети. Налик европски, играа младите момци на Кирил Лазаров. На теренот изгледаа како во себе да имаат „дебело“ искуство, особено во првото полувреме во кое пишуваа ракометна поезија. Алкалоид прикажа игра која ги воодушеви сите, но и рака на срце која радува. Причината е јасна како ден – дел од овие момци оправдано се дел од репрезентативниот список токму на Лазаров. Мисијата на Алкалоид чекори според зацртаниот план, зборовите се претвараат во дело. Треба трпение бидејќи за овие момци падовите и подемите се оправдани, што пак не е дозволиво за ракометарите во зелениот дрес.

Од првата до последната минута Пелистер се давеше во сопственото его. Мотивираноста и енергијата на сите во клубот и овој пат, и во оваа битка за пехар беше насочена на погрешна адреса. Тим кој е бранител на титулата, учесник во Лига на шампиони и тим на кој се троши голема сума на пари, не смее да си дозволи да падне толку ниско.

Синоќа битолската гордост – капитулираше. Бранислав Ангеловски по убедливиот пораз од ППД Загреб во Добој беше сигурен дека истиот ќе биде заборавен после мечот во Супер Купот. Се чини дека и тој самиот не беше свесен дека фавортите остануваат само на хартија, ако во денешно време не покажеш ништо на терен ќе те пргази секој, а не тим како Алкалоид, кој се градеше од корен и кој има стратег кој добро знае што работи и што прави, име кое е целосно посветено на ракометот, име кое не се замара со туѓиот двор – секогаш гледа во својот.

Стртегијата на Пелистер се чини од година во година е погрешна и полоша. Парите се фрлени во бунар, а менувањето на составот секоја сезона, носење на странски играчи во ветениот град за нив – Битола ќе мора да се промени.

Пелистер има златни македонски деца, кои за оние што вчера беа на теренот и претодно биле се измислени, само некој треба да ги негува и да им даде вистинска шанса.

Во Битола има големо разочарување – се бара одговорност. Не е само поразот во прашање, туку немоќта на искусните ракометари на теренот. Наместо жар и борба, сите видоа нервоза. Наместо спортска битка – видовме неспортски моменти, дел од нив заборавија дека утре заедно ќе се борат во репрезентативниот дрес и ќе треба да си подадат топка.

Раководството на Пелистер дефинитивно ќе треба добро да размисли дали оваа стратегија која во моментов се применува навистина ќе вроди плод, дали навистина сите во тимот заслужуваат да бидат дел од оваа приказна.

Битолската јавност испрати бројни критики на социјалните мрежи, особено на официјалниот Фејсбук профил.

Останува да видиме кој ќе биде следниот потег од Битола. Пелистер сигурно нема да биде на ова ниво во текот на сезоната, барем на домашна сцена, но тука е Лигата на шампионите, а таму никој никому не простува.

ПретходноПосле 11 години се враќа на клупата на Евертон
СледноБабунски: Да извлечеме поуки од минатото, не сме во позиција да потценуваме никого!