Ех, Благоја, Благоја: Радувај се Македонијо на бод со Ф.Острови!

1647

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Заминавме во Торшавн по победа, се враќаме со бод. Ова не смееше никако да се случи. Настрана дека игравме на вештачки терен, настрана дека половината од фудбалерите немаат минутажа во своите клубови и не се во доволна натпреварувачка форма, настрана шансата на Чурлинов и епското промашување на Ќамили, настрана тактичките замисли кои во првиот дел се видоа дека се грешка, настрана се друго, ама овој меч мораше и требаше да се добие.

Дали уште по првиот меч денеска во Торшавн ние го загубивме овој циклус во Лигата на Нации? Веројатно.

Не така одамна, до пред година или две, и со Милевски како селектор, ваквите мечеви ги добивавме без да се “испотиме“, ама сега и дефинитивно не оди, па не оди. Во серија сме од седум меча без победа, играме очајно, не реализираме шанси идеални шанси, не знаеме да постигнеме гол од игра, нема комбинации, нема креација, бадијала посед само заради посед.

И дефинитивно не оди.

Кога на последните средби, во март и јуни, секако пријателски, бевме уверувани дека се спремаме за тоа што ќе се случува во Лигата на Нации, можеби и можевме да замижеме на едно око, но сега и дефинитивно се гледа дека вака, со овој стил на игра, не оди и не оди.

И јасно е, кога немаш резултат, кога твоите избраници, ти што им даваш шанса и минутажа, не играат онака како што можат, тогаш критиките се насочени кон тебе. И тука нема дилеми, така е тоа во фудбалот.

Има многу што да се каже, да се анализира, но кога е „жешка“ главата по овие 1:1 тогаш подобро е да почекаш некои работи да “легнат“, да не се истрчуваш непотребно и да кажеш нешто што може да биде погрешно сфатено.

Затоа РАДУВАЈ СЕ МАКЕДОНИЈО НА БОД СО Ф.ОСТРОВИ.

Убава честитка за утрешниот празник 8 септември!

Браво момци, браво селекторе.

ПретходноМилевски: Не сум задоволен од резултатот, ме загрижува односот на некои играчи
СледноБисинов приреди изненадување, со цел плен замина од Струга