Интервју / Пандев со порака за првиот човек на ФФМ: Мети оди си како човек, а не како кукавица!

26774

✍️ Зоран Ѓоршоски


Фудбалската репрезентација на Македонија е во резултатска криза. Вчерашниот неуспех во Торшавн и оние 1:1 со Фарските острови во премиерното коло од новото издание од Лигата на нации се чини дека ја вознемирија фудбалската јавност која е разочарана и која оправдано удри по фудбалерите, селекторот и федерацијата… Избраниците на Благоја Милевски беа очајни во дуелот со најслабите во групата, во меч на кој во ниту еден сегмент не покажавме дека сме фаворити, дека имаме игра, дека имаме екипа…

Горан Пандев, најголемиот во фудбалот во земјава на празникот „8 Септември“ за „СпортСпорт“, ексклузивно ги анализира состојбите во националниот тим но и во ФФМ.


🟥 Фарските острови ни држеа час по фудбал со играч кој е резерва во Шкупи.

🟥 Барди и Димитриевски се тие кои треба да „удрат на маса“ и да кажат: „Доста е…!“

🟥 Милевски не е селектор по оние 7:0 со Англија, за него сега е битен секој прв ден од месецот и платата.

🟥 Стефан Ристовски е наместен со знаење на претседателот на ФФМ и луѓето околу него.

🟥 Имав средба со Масар Омерагиќ и ќе бидам дел од неговиот тим за промени во ФФМ.


„Честит нека ни е празникот, но за жал националниот тим ни ги расипа емоциите и прославата, затоа што она што се случи на Фарските острови беше понижувачко и разочарувачко за секој Македонец, за секој кој игра фудбал, а посебно за мене како поранешен капитен. Да расчистиме, ја немам друга репрезентација и друга земја – ја имам само Македонија и секогаш ќе си навивам и ќе ја бодрам мојата репрезентација без разлика кој е на чело на ФФМ, кој е селектор или кои се играчите на теренот“, е најавата на Пандев по срамните 1:1 во Торшавн.

« Ни држат лекција со резерва во Шкупи »

“Односот на теренот и изборот на Милевски за некои фудбалери е понижувачки за сите кои работиме во фудбалот и кои инвестираме во фудбалот во Македонија. Замислете Фарските острови во поголемиот дел од средбата ни покажа како треба да се игра, како да се контролира играта и да се создаваат шанси. Да, имавме зицер преку Чурлинов и Ќамили, но и тие имаа прилики за 2:1. За нив играше фудблер во нападот, кој е резерва кај нас во Шкупи. Се е кажано! Не знам што е добро, каде е напредокот и како ќе играме во иднина кога работите се испуштени од контрола, чашата е прелиена и мора да се стави крај на сето ова. Јас гледам вина и кај Барди и Димитриевски кои се капитени и кои треба да удрат машки на маса и да кажат: “Доста е…!“. И ние што не сме таму добро знаеме што се случува и каква е атмосферата сега во националниот тим. Тоа треба да се каже јавно, а не да се даваат изјави од типот дека атмосферата никогаш не била подобра. Во некои минати времиња се тресеа и соблекувални и хотели од тогашни капитени, имаше и кавги, шлаканици, фрлање на телефони, но сето тоа за доброто на тимот и дисциплина на оние кои не ги почитуваа правилата“.

« Милевски си мисли за платата, по оние 7:0 требаше да си оди »

“Премногу понижувачки е односот на селекторот Благоја Милевски кон фудбалот во Македонија, кон клубовите, кон младите фудбалери. Свесен човек сам ќе разбере кога и до кога треба да се седи на одредена функција. Секоја чест за резултатите во минатото, но од историја не се живее. Конците се испуштени од рака, назад нема… Па тој требаше да си оди по оние срамни 7:0 во Англија. Тоа беше неговиот крај, а сето ова до денеска е само борба за секој први во месецот и личниот приход од ФФМ. Да не зборувам како тој со првиот човек на ФФМ го наместија Стефан Ристовски да го исфрлат од националниот тим. Немаа авторитет врз него и контрола. Знаеја дека нема да им молчи и затоа ја направија играта за некој друг да биде капитен, а по стапките на Ристовски знаеја дека ќе оди и Адеми. Тоа е проблемот! Најдобрите ги нема, ги нема затоа што не им се во комбинаториките и политиките кои ги водат. Ако подлабоко гледаме ќе видиме дека ние сами себе си се уништуваме. Која е целта, не ми е позната. Не ми се верува како можат да уништат за брзо време нешто кое се градеше со години и години. Кога вакви дуели како Фарски острови лесно ги добивавме, а знаеме дека токму Лигата на нации е голема шанса за голем успех“.

« Сејдини што поскоро да си оди, јас сум во новиот тим за промени во ФФМ »

“ФФМ последниве години се претвори во чајџилница, во место каде има се, само не фудбалски работници. Тоа стана полигон за вработување на одредени структури и масовно трошење на финансиите за нефудбалски работи. Каде се проектите, стадионите, терените… Запуштени дивограби и промашени трибини и рефлектори. Секојдневно билдање на сметката во Крушино, каде нема услови за работа и каде редовно има семинари на тренери, собир на селекции и судии. Се знае зошто е тоа така! Се полни сметката на хотелот, кој е бизнис за актуелното фудбалско раководство. Имам порака до Мухамед Сејдини. Пред точно 6 години на Гибралтар му дадов поддршка затоа што имаше визија, сакаше да соработува. Но, тој Мети и овој сега, не се исти личности. Неколку месеци пред ЕП тој фати друг курс, почна да се дружи и да слуша совети од погрешни личности. Го изгуби компасот и затоа сега ни се случува колапс. Да си оди како човек, а не како кукавица и тоа што поскоро без разлика на тоа што мандатот му истекува во март. Одењето ќе биде добро за фудбалот, но и за него лично, затоа што луѓето кои сега му се соработници и советници го водат и него и фудбалот во пропаст. Да, ја сакам и поддржувам промени. Пред неколку недели имав средба со Масар Омерагиќ и му кажав дека му стојам на располагање. Знам дека тој ќе оди во трката за претседател на ФФМ, место за кое се избори уште пред 12 години и место кое насилно му беше одземено. Покрај мене знам дека со него се уште Агим Ибраими, Ѓорѓи Христов и уште десетина други докажани фудбалски имиња од земјава. Промени ќе има, што поскоро тоа е подобро за сите…“, заврши нашиот најдобар фудбалер.

ПретходноДерби во Автокоманда: Вардар подготвен за Алкалоид
СледноШпанија вечерва без Олмо на мечот со Швајцарија