Селекторот на француската репрезентација Дидие Дешамп призна дека сè уште не го извлекол најдоброто од Килијан Мбапе.
25-годишниот Мбапе играше како центарфор и за неговиот клуб Реал Мадрид и за репрезентацијата на Франција во последно време, но неговите најсилни игри беа типично крило.
“Тој е напаѓач кој игра во средината. Мислам дека се чувствува удобно, особено кога има поголема слобода на дејствување. Но, ако очекувате да биде во улога на пивот, тоа нема да се случи. А ние во репрезентацијата , а и во неговиот клуб се обидуваме да му ја дадеме неопходната слобода Неговата најголема сила не е кога чека во шеснаесетникот, туку кога може да го организира целиот натпревар“, објасни Дешамп.
Тој додаде дека Мбапе би можел да започне на клупата на дуелот со Белгија во понеделник од Лигата на нации, но дека ова е превентивен потег, а не е резултат на лошото издание на француската ѕвезда.
Франција го започна учеството во Лигата на нации со пораз од Италија со 3-1 на домашен терен, додека Белгија со истиот резултат го победи Израел.










