Македонија со победата над Ерменија ја прекина серијата од седум натпревари без победа. Стрелец на вториот гол на мечот Бојан Миовски посочи дека тимот покажал менталитет и решителност и покрај црвениот картон на Зајков.
„Ова беше тежок натпревар, особено по оној црвен картон. Сепак, покажавме дека оваа репрезентација има победнички менталитет, излеговме на терен и покрај тоа што имавме играч помалку победивме со 2:0 против една квалитетна репрезентација која беше тешко да се пробие“, изјави Миовски по мечот.
Македонија со четири бода сега ќе атакува на првото место.
„Секако дека одиме на првото место во групата, тоа ни е целта од првиот ден кога почнавме. Свесни сме дека стартувавме лошо со реми во Фарските Острови, но наша желба е да бидеме први во групата и се надевам дека тоа ќе го направиме“, изјави Миовски.