Искусниот 34-годишен дефанзивец на репрезентацијата на Ерменија, Андре Чалишир, во пресрет на денешниот меч со Македонија во Скопје во рамките на 2. коло од Лигата на нации, вели дека и овој пат ќе останат скромни во очекувањата.
„Пред се, среќни сме што ја победивме Летонија во првиот меч. На секој натпревар му пристапуваме како на посебна игра. Целосно сум подготвен за утрешниот натпревар. Се трудиме да бидеме скромни, да не се возбудуваме премногу поради тој резултат, приоѓајќи и на оваа средба исто така. Секако дека може да има некаков притисок, но, како што веќе реков, на овој натпревар му пристапуваме како на секој друг меч“, изјави Чалишир.
Во првиот меч од актуелната Лига на нации, репрезентацијата на Ерменија на домашен терен ја совлада селекцијата на Летонија со резултат 4-1. Вечерва во Скопје од 20:40 на Националната Арена, Македонија ќе оди на прва победа токму против Ерменија по ремито 1:1 со Фарските острови на гостински терен.