Македонија досега во својата историја одиграла 285 натпревари и тоа против 67 репрезентации. На нив има забележано 87 победи, 72 ремија и 126 порази. Гол разликата е 341:390.
И од сите нив најмногу сме играле токму против Ерменија, дури 13 пати.
И со Ерменците имаме позитивен биланс, шест победи, три ремија и четири порази со гол разлика 23:18 за Македонија. Вечерва ќе биде 14-тиот дуел меѓу Македонија и Ерменија.
На последните два сме забележале убедливи победи, и тиа со 3:1 во Струмица во пријателски меч, и 0:5 во ноември 2021 во Ереван, кога на тој меч блескаше капитенот Енис Барди со три постигнати голови. Тоа беше меч од квалификациите за СП 2022.
Се почна во мај 1995 година кога на гости одигравме 2:2 со Ерменците, стрелци на головите за нас тогаш беа Христов и Марковски. Четири месеци подоцна Ерменија возврати со победа од 1:2, за нас стрелец беше Тони Мицевски. И двата меча беа во рамките на квалификациите за ЕП 1996.
Во 2004 и 2005, во квалификациите за СП 2006, Македонија двапати славеше и тоа со 3:0 дома и со 1:2 на гости. Пандев, Шаќири и Шумуликоски во Скопје беа стрелците, а во Ереван беше Пандев со два гола.
Во квалификациите за ЕП 2012, Македонија еднаш ремизираше со Ерменија и еднаш беше поразена.
Следуваат мечевите во Лигата на Нации, вкупно четири и на тие имаме две победи и два порази.
Со Ерменија игравме и во квалификациите за СП 2022, кога како што веќе нагласивме, во Ереван победивме со 0:5, а дома одигравме 0:0.
И на крај уште еднаш да потсетиме на пријателскиот меч во Струмица минатиот октомври кога славевме со 3:1.
Па, нека биде како во Струмица минатиот октомври.