Новата сезона во Лигата на шампиони за актуелниот македонски првак, Пелистер е нова шанса да дојде до првата победа. Битолчани зад себе имаат 14 порази во исто толку одиграни натпревари, имаа добри мечеви, но без посакуваниот резултат.
Ниту сега нема да биде лесно за избраниците на Бранислав Ангеловски, на стартот (вечерва 20:45 часот) во Париз ќе ги одмерат силите против ПСЖ предводен од Раул Гонзалес.
Францускиот тим не е единствената тешка задача за ракометарите на Пелистер, тие се најдоа во група со Висла, Веспрем, Фредерициа, Фуксе Берлин, Спортинг и Динамо Букурешт. Сето ова е најава за едно долго патување кое бара максимално ангажирање на теренот, фокус во сите 60 минути…
Иако се аутсајдери на денешната средба сепак од таборот на Пелистер најавија жестока битка на теренот, нивната цел е да бидат рамноправен противник оваа сезона и секако да дојдат до првите бодови во најсилното европско клупско натпреварување, имаат добро „поткован“ ростер, останува да ги реализираат најавите пред почетокот на сезоната.
„Не одиме во Париз да изгубиме, туку да се бориме. Минатата сезона доста добро игравме на некои натпревари, но на крајот не успеавме да освоиме бодови. Се надевам дека сега ќе бидеме наградени и дека бодовите ќе дојдат“, изјави Радивојевиќ.
Мечот меѓу ПСЖ и Пелистер ќе биде директно пренесуван на Арена 3.
Инаку, Пелистер го одработи и утринскиот тренинг пред денешниот натпревар со ПСЖ.