Освојувачот на одбојкарскиот Куп на Македонија, екипата на Штип УГД, сепак, нема да има меѓунардоно учество во новата сезона. Иако од клубот се надеваа на можен настап во Балканскиот куп, сепак, поради стабилност во тимот на финансиски план е одлучено и оваа година силите да се насочат на домашното првенство и купот, па следната година да се обидат со настап во европските купови.
„Не сакаме да ризикуваме со финансискиoт план, бидејќи се уште не се завршени работите околу ваучерите. Затоа и оваа сезона се фокусираме на она што не чека во првенството и во купот. Почнавме со тренинзи на крајот на август, а оваа недела ни се приклучуваат и странските засилувања и полека ќе ја воигруваме екипата“, вели тренерот на штипјани, Кристиан Ристески.
„Планираме и неколку пријателски натпревари со екипи од Косово и од Србија до пред почетокот на сезоната. Оваа сезона исто како и минатата очекуваме пред се да се пласираме во завршницата од купот и првенството. Нача цел е да оствариме успех со кој следната година би настапиле во европските купови. Имаме поддршка од локалната самоуправа, се гради нова сала во Штип и заклучокот е обостран, дека доколку би се појавиле на некој европски натпревар тоа да биде во Штип пред штипска публика, а не во некој друг град“.
Од странските играчи во Штип остана Иранецот Махди Задмард, а доаѓаат и две нови имиња, Георги Багаев од Белорусија и Виктор Гомеш од Бразил.