Легендарниот фудбалер на Рома, Франческо Тоти зборуваше за ситуацијата во неговиот поранешен клуб и се надева дека тренерот Даниеле Де Роси ќе успее да ја поправи по неуспешниот почеток на новата сезона. Тго оцени настапот на неговиот поранешен клуб на трансфер пазарот ова лето, изразувајќи одредено незадоволство.
„Многу тимови од Серија А се засилија доста во текот на летниот преоден рок, но мислам дека Јувентус го имаше најдоброто лето. Дали ми се допаѓа оваа Рома? Не, не ми се допаѓа. Малку хаотичен преоден рок и сега Де Роси треба да ја најде најдобрата комбинација на играчи.
Разговараме со Даниеле. Ми кажа дека не е задоволен од почетокот на првенството, но сака да ја промени ситуацијата“, изјави Тоти.
„Со оглед на лудите вложувања ова лето, мораат да се пласираат во ЛШ. Ако вложите 100 милиони евра и тоа не го направите, тоа е неуспех. Без ЛШ, Де Роси ќе замине и порано, нема да истера до крај. Даниеле е громобран и тој е човекот кој ќе го плати цехот, а за среќа, тој знае се и за секого.
Ако работите не одат по вистински тек, виновникот ќе биде Даниеле. Токму тоа му се случи на Мурињо. Никој не му помогна на Жозе, никој не разговараше со него. Ако нема резултати ќе стане жртвено јагне, а Даниеле е свесен за тоа. За него е најважно да разговара со стручниот штаб и луѓето кои му се блиски, тие кои можат да му помогнат да ги разбере своите грешки. Даниеле има јак тим и се надевам дека ќе успее во опкружувањето кое му е познато“, заврши „Императорот на Рим“.
Потсетуваме, Рома летото потпиша договор со украинскиот напаѓач и најдобар стрелец во минатата сезона од шпанската Ла Лига, Артем Довбик, кој стана најскапиот трансфер за Римјаните ова лето (30,5 милиони евра).
Дојдоа уште Матијас Суле од Јувентус, Енцо Ле Фе од Рен, го откупија Анхелино од РБ Лајпциг, голманот Метју Рајан дојде од АЗ Алкмар, Ману Коне и Алексис Салемакерс како позајмени од Менхенгладбах односно Милан, а и десниот бек Сауд Абдулхамид од Ал Ахли, кој е првиот фудбалер од С.Арабија кој ќе игра во Серија А.