Струмица успешно го „положи“ грчкиот тест пред пресметките со Олимпијакос во ЛШ

125

Македонскиот одбојкарск шампион Струмица имаше одлична увертира пред првиот меч од Лигата на шампионите на ЦЕВ. Во последниот контролен меч одигран во Струмица, нашиот првак славеше со 3:2 против грчкиот прволигаш Пегасус Полихнис, кој беше одличен спаринг-партнер пред дуелите со Олимпијакос.

Избраниците на Кирил Ричлиев одиграа квалитетен меч во пет сета, кој беше одлична проверка на силите пред првиот меч со Олимпијакос во вторник во салата „Парк“. Пегасус Полихнис е прволигаш од Солун кој годинава ќе ја претставува Грција во Балканксиот куп. Капитенот Владо Милев вели дека ова беше исклучително добар меч за Струмица како подготовка за пресметките со грчкиот гигант.

„Одлична последна проверка за нас. Полихнис е екипа која има тројца квалитетни странци и ќе се борат за место во грчкиот плеј-оф оваа сезона. Ме радува тоа што играме одлична одбојка, бидејќи оваа сезона Струмица е составена од домашни играчи кои долго време се познаваме од нашата репрезентација, Единствен странец е Украинецот Волков, кој одлично се вклопи во тимот. Останува да се подготвиме уште подобро во наредниве три дена и подготвени да го дочекаме Оимпијакос во вторник“, вели Милев.

Првиот меч од првото квалификациско коло во Лигата на шампионите на ЦЕВ, Струмица ќе го одигра во вторник од 19 часот во својата сала. Реваншот е една недела подоцна во Атина.

ПретходноСити прими гол во 22 секунда, па Халанд со два гола донесе победа, Ливерпул шокиран на “Енфилд“!
СледноСамо Ц. Звезда и никој друг: Србија како С. Кореја, погледнете ги само насловните!