Општина Велес: Проектот на ФФМ нема технички прием!

2658

Во изминатите неколку дена во медиумите излезе скандалозна приказна за новиот стадион во Велес, изграден со средства од ФФМ и УЕФА. Со оглед на фотографиите и видеата кои се достапни до јавноста, се гледа убаво дека станува збор за руина или “ќумезарник“, а не фудбалски стадион на кој треба да се играат натпревари. За овој скандал со своја сторија известуваше и Алсат ТВ.

Инаку според финансиите од ФФМ се споменува сума од 400.000 евра за изградба на овој стадион, потоа од Фудбалската федерација се уплаќани по 110.000 денари месечно за одржување на истиот.

ФФМ во својот демант ја обвинува Општина Велес за хаотичната состојба на објектот.

Со цел да се слушне и Оштина Велес, му поставивме неколку прашања на градоначалникот на градот Марко Колев, со цел како медиум да ја информираме јавноста за тоа што навистина се случува.

*Дали стадионот има технички прием?

На барање на Општина Велес, ФФМ достави записник за примопредавање на извршени работи, потпишан од страна на инвеститорот, фирмата изведувач и фирмата надзор за изведба на проектот. Општина Велес состави комисија за вршење на увид која заедно со претставници на ФФМ излезе на терен и утврди низа несогласувања во однос на основниот проект и изведбата (фотографии во прилог), за што комисијата ќе достави соодветен извештај до инвеститорот за отстранување на недостатоците. Од овие причини се уште не е извршен технички прием и примопредавање на објектот.

*Дали средствата за одржување на објектот се префрлале на општината?

Согласно сметководствената евиденција на Општина Велес до овој момент не се префрлени никакви средства од страна на ФФМ за одржување на објектот. Оттука сметаме дека е крајно непрофесионално ваквото тврдење на ФФМ со цел префрлање на сопствената (не)одговорност.

*Каква е комуникацијата на општината со ФФМ и со ОФС Велес околу решавање на проблемот со фудбалскиот стадион?

Во изминатиот период се одвива службена комуникација преку меил во врска со достава на потребната документација, дополнително одржан е состанок и увид на терен со претставници од ФФМ и ОФС. Општина Велес во континуитет финансиски го поддржува и соработува со ОФС, поради што дополнително изненадуваат паушалните обвинувања од страна на ФФМ, наместо конкретно преземање на одговорност за надминување на проблемот.

*Дали споменатиот објект ја има потребната документација?

На барање на Општина Велес ФФМ ја достави потребната документација, меѓутоа утврдени се конкретни недостатоци во изведбата во однос на основниот проект за реконструкција. 

*Како вие како градоначалник ги коментирате ставовите на федерацијата дека главниот виновник за моменталната состојба на стадионот била општината?

 

Ставовите со кои излезе ФФМ се очигледно тенденциозни, без никаква основа и аргументи. Сметам дека е крајно недолично за една национална спортска федерација да се занимава со лажни тврдења со цел избегнување на сопствената неодговорност и непрофесионалност во работењето – одговори градоначалникот Колев.

Инаку низ државата се изградени повеќе вакви објекти. Па сега се поставува прашањето ако веќе пари се уплатувани за одржување на истите, пред се за објектот во Велес, а нив ги нема на сметката, каде се парите и каде се тие уплатувани.

Се разбира дека овој скандал мора да има разрешница, многу пари се во прашање.

ПретходноВан Перси во четвртиот меч му го приреди на својот клуб најголемиот срам во историјата
СледноСкандал во Милан: Поради синот, Ибрахимовиќ го избркал тренерот на младинскиот тим