Коментар на 5.коло: Срле го буди Вардар, на Чаир без победник, Данев е новиот бисер на Работнички…

671

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Како што и најавивме, сите три меча во Скопје што се играа во ист термин беа навистина супер интересни. Секоја чест за Работнички, Тиквеш, Шкупи и Шкендија, сепак сите очи беа вперени во Вардар и дебито на тренерот Срѓан Захариевски. Иако се играше без публика, а за тоа прашајте ги луѓето од Гостивар, овој меч на Маџари беше супер интересен.

Гостивар силен, успеа да поведе, но со мајсторијата на Немања Босанчиќ составот на Захариевски израмни.

Генерално што можеше да се види од “новиот“ Вардар, од Вардар на Срле?

Како прво овој Вардар се буди. Не е тој Вардар неорганизиран, одбраната како швајцарско сирење, да му е страв да нападне, да мисли дека со Пелистер и 0:0 е добар резултат.

Да, овој Вардар не победи, но овој Вардар покажа мад*ња, овој Вардар на Срле покажа неверојатна зрелост, капацитет да се надмудрува, тактички пред се, со Гостивар и на крај да дојде до добар резултат од 1:1.

Значи Срле почна да го буди Вардар.

Шкупи и Шкендија, супер дерби на гигантите во ПМФЛ. Многу борба, шанси на обете страни и на крај 1:1. Со овој бод секако дека тетовци се позадоволни зошто и по ова коло останаа лидери на табелата.

А лидер е и фантастичниот Работнички кој има ист број бодови како Шкендија, но пслаба гол – разлика и затоа е втор со 11 бода а Шкендија е прва исто со 11 бода.

Вчера Работнички победи со 3:1 против Тиквеш, но реално кавадарчани самите си се виновни. Тоа го призна и тренерот на Работнички, Горан Станиќ кој рече дека Работнички во првата половина од второто полувреме имал многу среќа и малку недостигало Тиквеш да победи со 1:3.

Сепак мечот го сврте новиот бисер на Работнички, Димитар Данев (18). Влезе во 79.минута е во следната минута мајсторија, постигна можеби и поубав гол од оној на Босанчиќ или на Цаке на Чаир. Како ли само си се намести, како ли само виде каде е и што треба да направи и го направи тоа, стрелаше во мрежата на Тиквеш онака фраерски, онака мајсторски за 2:1. Подоцна уште еден на Работнички за 3:1 и тоа беше тоа.

Нема што, Работнички со Станиќ на клупата не знае за доста.

Горазд Михаилов дебитираше со победа на клупата на Брера против Беса, ама за малку ќе беше од готово па вересија. Тоа и самиот Горазд го кажа.

Има уште многу работа за него. Брера има огромен играчки потенцијал, но се она што Круљ не знаеше да го сработи или го расипа, сега ќе мора Михаилов да го поправа. Во фудбалот не е само поседот ради посед, не се само нападот ради напад. Во фудбалот се мал милион нешта кои треба да ги “скоцкаш“ за бидеш добар тренер.

Струга ТЛ одново не беше на шампионското ниво. Уште повеќе ако не беше Стевковски на голот, кој одбрани три зицери на Пелистер, ќе беше “смеење“.

Јасно е дека Струга ТЛ кога тогаш ќе се дигне. Тој клуб има преголемо искуство, тој тим има супер поединци, само Ќато ќе треба конечно да го пронајде идеалниот состав. Проблем задава што клучниот играч Буњо Шабани се повреди, а тоа е проблем без дилеми.

Силекс покажа дека знае и на гости да “гази“. Со ефектни 0:3 ја растури Воска и сега има 9 бода и е при врвот, на само -2 бода од Шкендија и Работнички, ете што значи една гостинска победа.

ПретходноЕпското промашување на Спахиу, па после тренерот ќе биде виновен! (ВИДЕО)
СледноНовак Ѓоковиќ запеа на бугарски јазик (ВИДЕО)