Македонскиот одбојкарски шампион Струмица, утре во салата „Парк“ (19 ч.) пред своите навивачи ќе го започне новото учество во најсилното клупско одбојкарско натпреварување – Лигата на шампионите на ЦЕВ. Тимот предводен од искусниот стратег Кирил Ричлиев немаше среќа во ждрепката, па уште во првата рунда за противник доби еден од тимовите кои сигурно конкурираат за место во групната фаза на натпреварувањето, грчки Олимпијакос.
Струмица оваа година на „домашен погон“ ќе се обиде достојно да се претстави во Европа. Двомечот со Олимпијакос ќе биде шанса и за дел од нашите репрезентативци кои решија да останат во Македонија во следниот период, па добијат можност за врвни европски дуели. Струмица се засили со репрезентативците Илиев, Лепидовски, Маџунков и Ангеловски, а во тимот дојде и Украинецот Волков, како единствено странско засилување.
Екипата подготвена го очекува утрешниот прв меч со Олимпијакос, откако успешно го мина последниот тест со грчкиот прволигаш Пегасус Полихнис, кој требаше да го „глуми“ Олимпијакос. Струмица веќе ги пушти во продажба и билетите за утрешниот дуел кои се продаваат по цена од 100 денари.