ЛШ: Олимпијакос ја потврди својата „класа“ во Струмица

221

Големиот фаворит Олимпијакос беше пресилен за македонскиот првак Струмица во првиот меч од 1. коло во елиминациската фаза во Лигата на шампионите на ЦЕВ. Гостите од Грција кои се голем фаворит за место во групната фаза, одиграа еден стабилен натпревар, победија со 3:0 и покажаа дека се поквалитетен противник од нашиот првак, кој потпрен на домашни сили, одигра рамноправно само во еден дел од натпреварот и им остана должен на навивачите за уште подобра партија во некој од следните европски дуели.

СТРУМИЦА – ОЛИМПИЈАКОС  0:3 (15-25, 17-25, 15-25)

Првиот сет многу подобро го отворија гостите. Успеаја со силен сервис и добар прием уште на стартот да направат солидна предност (3:8), која потоа им послужи за успешно да го однесат сетот во своја полза. Момците на Ричлиев се обидуваа да парираат, но кратко успеаја да ја задржат негативата од пет поени, затоа што во последната третина од сетот Олимпијакос влезе со водство од 8:16. До крајот на сетот Струмица не успеа да најде вистинска игра за да му парира на супер-квалитетниот противник. Олимпијакос прилично лесно се избори за 15:25 и предност од 0:1 во сетови.

Ништо значајно не се промени ниту во вториот сет. Грците успеаја да се одлепат со пристојна предност уште на стартот и дојдоа во последниот дел од сетот со водство од 6-7 поени разлика, што навестуваше уште еден убедливо добиен сет. Ричлиев има даде шанса и на неколку помлади одбојкари и во еден момент дојде до негатива од пет поени 13:18, што го принуди гостинскиот тренер да повика минута одмор. Олимпијакос ја продолжи доминацијата и успеа да дојде до освојување на сетот со втората сет-топка за 17:25.

Струмица во третиот сет влезе можеби и најопуштено, а Ричлиев им даде шанса и на оние од подмладокот. Олимпијакос немаше преголеми проблеми, освен во еден дел од сетот кога влезе во серија од грешки, со што на струмичани им даде шанса да ја намалат негативата. На крај сетот заврши со 15:25 за конечни 0:3.

За Струмица сега останува да се обиде да одигра подобро на реваншот во Атина следната недела и да очекува нов евро-предизвик.

ПретходноЈилдиз постигна маестрален гол и стана најмладиот стрелец за Јувентус во ЛШ (видео)
СледноХоландскиот шампион во преговори со Иван Перишиќ