На стартот на новата сезона во Лигата на шампионите, овој пат со нов формат, легендата на македонскиот фудбал и на белградска Црвена Звезда, Дарко Панчев, во изјава за српските медиуми зборуваше за новата Лига на шампиони и за очекувањата од настапот на српскиот првак.
„Новиот формат на Лигата на шампионите е доста контроверзен. Времето ќе покаже дали е добар или не. Ова е создавање на некоја европска лига каква што посакуваа некои од најбогатите клубови, па Чеферин можеби направи потег за да задоволи сечиј вкус. Некако подобро ми беше кога имаше групи. Вака играат 36 екипи, а гледаме една табела. Кој каде оди, кој не, ќе научиме со текот на времето (се смее). Црвена звезда направи голем успех. Се пласираше во Лигата на шампионите и заработи доволно пари за нормално да функционира. Сигурно од таа гледна точка е одлично и сега колку повеќе бодови ќе освои толку подобро. Бенфика игра стабилно во Лигата на шампионите. Тие се добар тим и секој позитивен резултат би бил добар. Мислам нерешено, а победа би била одлична. Играат дома и имаат шанси“, вели Панчев.
Црвена Звезда утре во Белград го пречекува португалскиот состав во последната рунда од мечевите во првото коло на ЛШ.