Пелистер го запиша вториот пораз во новата сезона во Лигата на шампиони. На првиот меч пред своите навивачи во ова натпреварување, битолчани беа совладани од Фуксе Берлин со 22-30 (9-15). За актуелниот македонски првак ова беше 16-ти пораз вкупно во низа откако се врати во Лигата на шампиони.
Бундес-лигашот мечот го реши брзо, после 17-та минута Пелистер застана во нападот, на другата страна следеше казна и серија од 5-0 за комотно водство и многу полесна завршница. Дејан Милосављев беше една од причините, запиша 13 одбрани.
Андерсон имаше седум гола кај победникот, еден помалку запиша Гидсел. На другата страна Радивојевиќ запиша пет погодоци, три од седум метри.
Битолчани по релативно добрата игра на стартот на мечот, во кој држеа неизвесност, влегоа во длабока реализаторска криза која траеше цели 13 минути. По голот на Хосни во 17-та минута за 8-10 следеше пад и во нападот на Пелистер. Бранко Ангеловски се обиде со „седум на шест“, но ништо не функционираше.
На другата страна Фуксе Берлин, предводен од одличниот голман Дејан Милосављев (7 одбрани во прво полувреме) направи серија од 5-0 за водство од 8-15 пред истекот на првото полувреме. Бундес-лигашот не искористи неколку напади на среќа на македонскиот првак. Митревски кој влезе на средината на првото полувреме имаше три интервенции. Во последниот напад пред одморот Манасков успеа да го совлада Милосављев за 9-15.
Рајхман со вториот погодок по одбраната на Милосављев зголеми на плус осум 10-18 во 34 минута. Андерсон четири минути подоцна зголеми на 11-20. Ристески кој доби шанса да заигра, постигна два гола и намали на 15-22 во 43-та минута. Но, тоа не беше доволно за пресврт и да се дестабилизира играта на противникот. Во 51-та минута Фуксе Берлин ги врати највисоките плус девет (17-26) и ја најави победата. До крајот беше само чиста рутина за гостите.
Во следното коло, Пелистер е гостин на Динамо Букурешт, кој што има две победи во исто толку одиграни мечеви.
Резултати: ППД Загреб – Алборг 31-23, Висла – Динамо Букурешт 26-28, Пелистер – Фуксе Берлин 22-30, Нант – Кјелце 23-20.