Манчестер Сити би можел да биде исфрлен од сите натпреварувања, не само од Премиер – лигата, се разбира само ако во „Судењето на векот“ биде прогласен за виновен. Ова го тврди Бен Рамсби од “Дејли Телеграф“. „Судењето на векот“, како што го нарекоа англиските медиуми, започна во понеделник. Јасно е дека, повеќето ривали на „граѓаните“ во англиската елита сметаат дека еднократното одземање на бодови на Сити нема да биде доволна казна доколку клубот биде прогласен за виновен за кршење на финансиските правила. Исфрлањето би ги задоволило оние кои бараат построги санкции, но би го фрлил англискиот фудбал во хаос ако Сити продолжи да игра во ФА Купот, Лига Купот и Лигата на шампионите.
Како што тврди Рамсби, сепак правилата на домашните натпреварувања се такви што се зголемува и веројатноста клубот да биде отстранет од нив. Членот 23 од правилникот на ФА Купот вели дека „кога некој клуб е примен во натпреварувањето, но последователно испаднал од лигата во која учествува, Одборот на ФА може да го повлече од натпреварувањето“.
Според правилата на „Карабао купот“, Манчестер Сити мора да учествува во една од четирите најсилни дивизии на Англија.
Процесот е покомплициран во однос на Лигата на шампионите, бидејќи тимовите што учествуваат таму добиваат лиценца од УЕФА. Премиер лигата и ФА имаат своја улога во издавањето на овие лиценци, но во моментов не е јасно дали испаѓањето од домашната лига може да го оправда исфрлањето од Лигата на шампионите. За Светското клупско првенство, правилата според кои ќе се одржува турнирот се уште не се јавно објавени.
Сепак доколку Сити биде исфрлен од сите натпреварувања во Англија, ќе биде многу тешко за клубот да продолжи со учеството во ЛШ и да игра на Светското клупско првенство со оглед на долгите паузи што тимот ќе ги има помеѓу натпреварите. Секако, изгледите Сити да ги освои овие турнири на крајот од сезоната во која испаднаа, исто така, би ги налутила другите инволвирани клубови.