Спектаклот во Кавадарци, вчерашниот меч меѓу Тиквеш и Вардар не го дочека својот крај. Се играше 90+6.минута кога главниот судија Александар Ставрев го прекина натпреварот откако неговиот помошник Гоце Петрески беше удрен.
Сега по се ова се поставува прашањето какви се последиците од прекинот, односно што ќе се случува понатаму.
Па така прописите на ФФМ велат дека, со оглед на тоа дека имало прекин, автоматски теренот во Кавадарци е под суспензија. И тоа ќе биде така се додека не одлучи Дисциплинската комисија што и како. Во зависност од дополнителните извештаи, таа може да одлучи ФК Тиквеш да биде казнет парично, да биде казнет со неколку натпревари играње без публика, потоа да биде казнет со неиграње на својот стадион. Важно за Тиквеш е тоа што во моментов теренот е под суспензија. Во среда Тиквеш игра на гости во Струмица кај Брера, а дали во недела (29.09) во меч од 8.коло со Силекс ќе игра во Кавадарци ќе се знае по одлуката на Дисциплинската комисија.
Што се однесува до резултатот од овој натпревар, тој ќе биде официјализиран на 0:3 за гостинот, во овој случај за Вардар. Сепак за ова официјално да биде ќе треба да почекаме најверојатно до утре кога Натпреварувачката комисија би требало да заседава и таа да го регистрира мечот кој засега се води како прекинат.