Пелистер немоќен и во Букурешт, со пораз доаѓа кај Вардар!

87
Фото: https://www.gsp.ro

Пелистер го запиша третиот пораз во новата сезона во Лигата на шампиони, откако на гостински терен беше совладан од Динамо Букурешт со 34-25 (19-13). Романскиот тим ја оправда улогата на фаворит, на другата страна битолчани покажаа дека имаат проблем бидејќи функционираа до 20-та минута, а потоа брзо го загубија здивот и влегоа во машинеријата на противникот. Голема штета, бидејќи Никола Митревски беше расположен, зад неговото име имаше 14 одбрани.

Кузмановски беше стрелец на девет гола од 16 обиди, зад него беше Радивојевиќ со шест. На другата страна Рошта имаше седум погодоци.

Пелистер во првото полувреме се држеше до 20-та минута, по голот на Хосни за 11-9 следеше целосен распад во составот на актуелниот македонски првак. Романскиот тим направи серија од 6-2 за водство од шест гола 17-11, дел од головите ги постигна од контранап. Позитива која ја имаше на одморот (19-13). Претходно избраниците на Бранислав Ангеловски беа на ниво на задачата, имаа шанса да поведат, Митревски на почетокот на дуелот имаше четири интервенции (вкуоно шест во првото полувреме), но неговите соиграчи не го искористија моментот.

Фото: https://www.gsp.ro/

Две одбрани на Митревски на почетокот на второто полувреме дадоа надеж дека Пелистер ќе успее да врзе неколку погодоци и да се закани, но само намали на пет гола. На другата страна Динамо Букурешт имаше одговор, по само осум минути дојде на плус десет (25-15). Во меѓувреме Бранко Ангеловски повика тајм-аут, но истиот не вроди плод. Во 41-та минута Пелистер остана без Илија Абутовиќ кој заработи директен црвен картон.

На почетокот на 50-та минута, Динамо дојде до второ двоцифрено водство (30-20), резултат кој не даваше надеж дека Пелистер може да се врати во ритам. До крајот романскиот тим остана рутински да го приведе мечот во своја корист.

Овој пораз за Пелистер доаѓа пред дербито со Вардар во сабота во СЦ „Јане Сандански“.

ПретходноФОТО НА КОЛОТО: “Комити“ повторно воодушевија!
СледноСудии за ПМФЛ: Дербито Шкендија – Вардар ќе го суди Трпчевски, Младеновски на центарот во Струга!