ФФМ имаше пари за ВАР ама се изедоа во „КНЕЖИНО“

1531

Секојдневие станаа грдите слики од стадионите низ Македонија за и по време на првенствените натпревари како во Првата така и во Втората лига. Ерупции од негодувања, тензии па и жестоки пресметки кои се причини за хаосот кој владее во фудбалот низ земјава. Судиските грешки се се повеќе и повеќе а решение за тоа нема со години и години. Во минатото барем се менуваа комесарите, но ете сега владее „кичевски пашалак“‚ па оттука и Маријан Ристевски си прави што сака од позиција „татко на судиите“.

Модерниот фудбал а и оние кои се стремат да бидат модерни бараат решенија за намалувањето на намерните или ненамерните судиски грешки. Сите судии не се исти па оттука УЕФА и ФИФА воведоа ВАР (видео технологија), со која се воведе ред во судиската проблематика околу спорните моменти. Големите фудбалски земји веќе со години ја имаат споменатата технологија но истата ја имаат и земји како Албанија, Косово, Ф. Острови…).

Тоа е обид да се воведе регуларност и да се убедат клубовите дека сите се рамноправни и дека нема фаворизирани клубови.

За жал тоа го немаме во Македонија, не дека не можеме туку затоа што не сакаме или немаме раководство кое може истото да го менаџира.

Имаме федерација на која им одговара „паша“, во името на Маријан Ристевски и се да биде подмачкано и добро изрежирано. Не е дека ФФМ нема финансии за ВАР технологијата која беше најавена за оваа сезона од истата оваа федерација од истиот претседател и од истиот УО на ФФМ. Станува збор за сума од околу 600.000 евра која треба да ја инвестира федерација која има буџет од околу 20.000.000 евра! И замислете таа минорна сума од 600.000 евра е само изедена и испиена во хотелот „Куќа на уметноста“‚ во Кнежино кај Кичево. Фамилијарен бизнис на фамилијата Сејдини која раководи и со хотелот и со федерацијата. Истиот тој хотел кај кој деновиве има пломба од Агенцијата за храна, поради најдени неправилности при чувањето и квалитетот на храната.

Клубовите па и судиите кои исто така се жртви на секојдневниот хаос во фудбалот треба да знаат дека не само еден туку повеќе ВАР системи се изедени и испиени. Ако се сака ред и правила на игра и судиска регуларност мора да се почне со санкции. Смена на комесарот за делегирање, итно воведување на ВАР на паузата, и одговорност за режираните грешки на одредени арбитри. ФФМ и претседателот Муамед Сејдини треба да имаат капацитет и да се соочат со овој хаос кој владее во земјава затоа што тоа им е обврска и за тоа се платени, за тоа имаат бенефиции и уживаат во целиот тој фудбалски раскош и трошење на фудбалскиот буџет за сопствени цели.

Кога сме кај хотелот: „Мој е ама на туѓо име е …“, е фраза за која допрва многу ќе се коментира.

ПретходноКатерина Шиповиќ – единствената македонска претставничка на ултра-трката „Спартатлон“
СледноХаос во мак – фудбалот: И во Куманово имало инцидент, судиите не ги пуштале да влезат во соблекувалните!