Откако синоќа се одиграа првите девет натпревари од воведното коло во новата сезона на Лигата на Европа, денеска ќе се играат преостанатите девет натпревари од премиерното коло. Како и вчера, првите два меча ќе се одиграат во терминот од 18:45 часот, а во вечерниот тернин од 21 часот на програмата се преостанатите седум пресметки.
Според двојките, дербито ќе биде на „Олимпико“ каде Рома го пречекува Атлетик Билбао. Ова е дуел на два тима кои ќе се обидат да стигнат до самата завршница на натпреварувањето. И според оценките на букмејкерите, овие два тима се меѓу најголемите фаворити за трофејот. „Волчицата“ има две финалиња и едно полуфинале во последните три настапи на европските клупски турнири, додека Баскијците ќе бидат мотивирани од тоа што финалето на Лигата на Европа следната година ќе се игра на нивниот стадион „Сан Мамеш“.
Од вечерните дуели вреди да се издвои и пресметката меѓу Ајакс и Бешикташ, како и дуелот на еден од главните претенденти за трофејот Тотенхем со азербејџански Карабах.