По елиминацијата во 1. рунда од квалификациите во Лигата на шампионите, македонскиот одбојкарски шампион Струмица веќе го дозна следниот ривал во европското претставување. Струмичани по двата порази од Олимпијакос во најквалитетното европско натпреварување, сега добиваат шанса за нови евро-пресметки во ЦЕВ Купот.
Таму во рамките на 1. коло од квалификациите момците на тренерот Кирил Ричлиев за противник ќе го имаат стариот познаник, унгарски Фино Капошвар. Со Унгарците Струмица се сретна минатата година на еден од квалификациските турнири во Лигата на шампионите кој се одржа во Бугарија. Тогаш Фино Капошвар во дуелот со Струмица однесе убедлива победа од 3:0, но струмичани настапија ослабени без странските засилувања.
Првиот меч во рамките на 1. коло од ЦЕВ Купот, Струмица ќе го одигра на домашен терен на 8 октомри во салата „Парк“ со почеток од 19 часот. Реваншот е предвиден една недела подоцна во Унгарија.