Македонската кошаркарска федерација во однос на соработката со клубовите кои ги има и нивното трпение со оглед на тешките денови, на денешната прес-конференција откри дека прволигашите пред стартот на новата сезона вкупно имаат долг од 11 милиони денари, додека пак вкупниот долг на сите кои се натпреваруваат во сите лиги под капата на Федерацијата изнесува 250.000 евра.
Она што сите чекаат е да бидат поделени ваучерите за да можат клубовите да функционираат нормално.
„Сите знаете дека спортот функционира речиси целосно на ваучер-системот. Во голем основ, огромен дел од тој ваучер колач е и нашето функционирање. Долго време се шпекулираше како ваучерот ќе биде пред крајот на ланската година, па се најавуваше пролетва, па пак се одложи за летово… и тие пари никогаш не стигнаа до ден денеска. Сето тоа придонесува долговите да растат, а вкупната сума достигна и до речиси 11 милиони денари. Не сакаме да правиме проблеми бидејќи е јасно дека сите чекаат средства од иста страна, затоа сме и потолерантни на оваа тема, но веруваме дека сето ова ќе се среди.
Ретки се оние кои го имаат платено првиот дел од котизацијата за ланската сезона, помалку или повеќе сите клубови се со обврски кон фенерацијата. Бројката на прволигашите е околу 11 милиони денари, а вкупната сума што ни се должи е над 250.000 евра“, изјави генералниот секретар, Владимир Георгиевски.