Македонската фудбалска репрезентација, особено оние младинските секогаш биле отворени за потенцијални засилувања од странство. Поточно од дијаспората, каде што многу нашинци решија да си ја побараат среќата што се вели.
Голем дел се низ Европа, не има многу и во Австралија, САД, но и да речеме во една Турција, од каде што сме довеле неколкумина репрезентативци. За дел мисијата била успешна, за дел не, но ФФМ како институција, а и ние како јавност секогаш треба да бидеме позитивни и во офанзива кога се во прашање играчите со наше потекло.
Еден од нив е левиот бек на големиот Галатасарај, а во моментов позајмен играч во руски Орембург, Казимчан Караташ. Момчето кое што во моментов има 21. година има забележано преку 25 настапи за младинските селекции на Турција, но е без настап за А репрезентацијата.
Има потекло од Скопје, поточно од Сарај, од каде што е познато дека многумина своевремено се имаат иселено во Турција. Поточно во Измир, каде што Караташ е и роден.
„СпортСпорт“ дознава дека ФФМ веќе има стапено во контакт со играчот на Галатасарај и дека засега е во преговори со него за промена на репрезентативниот дрес. Нам и тоа како ни е потребно засилување на левата бековска позиција, онаму каде што со години кубуриме. Дали истата ќе ја пополни Караташ ќе видиме во периодот кој следува.