Денеска во „Кале“ ќе биде најавен стартот на новата кошаркарска сезона во машка и жеснка конкуренција, се игра Супер Купот. Бранителот, МЗТ Скопје ќе ги одмери силите со добро познатиот противник Пелистер, додека во женска конкуренција Баскет Кам и МЗТ Скопје Аеродром.
МЗТ Скопје доминира во последните пет изданија на ова натпреварувања, има шест пехари што го прави најтрофеен кога станува збор за Супер Купот. Пелистер нема ваква традиција, па посакува новата сезона да ја почне со пехар.
Предводникот од клупата, Васко Атанасов, очекува и овој меч да биде во рамките на она што се вика неизвесност:
„Натпреварите со Пелистер секогаш се возбудливи и до крај неизвесни, па така очекувам да биде и утре во „Кале“. Противникот има релативно нов тим, кој допрва треба да го анализираме, но клучно за крајниот исход на оваа средба ќе биде начинот на кој ние ќе одиграме. Ако во дефанзивата бидеме како против Теодо, а убеден сум дека ќе бидеме далеку подобри во нападот, тогаш сигурно ќе бидеме многу блиску до посакуваниот трофеј. Ја прифаќаме фаворитската улога и сигурен сум дека ќе ја потврдиме на паркетот“.
На другата страна Пелистер за стратег го има Александар Петровиќ, кој очекува да направи голем исчекор во однос на освојување на трофеи оваа сезона.
„Имаме сериозен ростер и ќе играме компетитивно во сите натпреварувања. Атмосферата е феноменална, имавме добри подготвителни натпревари и спремни сме за она што ни следи веќе деновиве. Цел ни е да играме убава кошарка ‘за око’, како што тоа беше случај веќе во подготовките.
Освојување на Суперкупот би значело многу. Тоа би бил прв трофеј за клубот. По толку финалиња и успеси ни недостига еден трофеј и многу би значел за екипата. Во еден натпревар сите опции се отворени. Очекувам добар и гледлив натпревар и победа“, изјави Петровиќ.
Дуелот меѓу МЗТ Скопје и Пелистер е закажан со почеток во 19:30 часот, од истиот ќе има директен пренос на МРТ.
Пред оваа средба, Баскет Кам и МЗТ Скопје ќе го дадат името на освојувачот на Супер-Купот во женска конкуренција, мечот е закажан со почеток во 17 часот.
Досегашни победници (м):
2000: Никол Ферт – Гостивар
2001: Работнички – Скопје
2002: Никол Ферт – Гостивар
2003: МЗТ Скопје – Скопје
2004, 2005, 2006: не се одржа
2007: Струмица 2005 – Струмица
2008, 2009, 2010: не се одржа
2011: Работнички – Скопје
2012, 2013, 2014: не се одржа
2015: МЗТ Скопје Аеродром – Скопје
2016: МЗТ Скопје Аеродром – Скопје
2017, 2018, 2019, И 2020: не се одржа
2021: МЗТ Скопје Аеродром – Скопје
2022: МЗТ Скопје Аеродром – Скопје
2023: МЗТ Скопје Аеродром – Скопје
Досегашни победници (ж):
2021: Бадел 1862 – Скопје
2022: Баскет Кам 2011 – Македонска Каменица
2023: Баскет Кам 2011 – Македонска Каменица