Двата најголеми кандидати за титулата, Вардар 1961 и Пелистер денеска ќе ги одмерат силите во рамките на четвртото коло во Супер-лигата. Ова е прво дерби во домашниот шампионат, а двата тима го дочекуваат од различни позции и со различен скор. „Црвено-црните“ на стартот се „лизнаа“ кај Алкалоид, па имаат две победи и пораз, додека битолчани се во друштвото на непоразени.
И двата тима против Алкалоид покажаа дека имаат свои недостатоци и покрај тоа што во ростерите имаат сериозни засилувања, како домашни, така и странски имиња. Секој бод е важен за Вардар 1961 и Пелистер, особено ако се земат во предвид најавените амбиции.
Вардар 1961 на домашен терен доминира во последните две години против вечниот ривал, има три победи во низи, последен пат загубил во март 2022 година.
На другата страна Пелистер во Скопје доаѓа по убедливиот пораз од Динамо Букурешт на гости, и со многу краток период за рехабилитација. Но, тоа не треба да биде изговор за составот на Бранислав Ангеловски, бидејќи на располагање има доста играчи. Сезоната е планирана за битка на две полиња.
Вардар 1961 направи одличен потег пред дербито, дозволи гостински навивачи посакувајќи во СЦ „Јане Сандански“ да биде вистинско дерби. Мечот е закажан со почеток во 17:45 часот.