Некои приказни и денови лесно не се забораваат, особено кога станува збор за Вардар 1961 и тие магични европски мигови на доминација. Засекогаш ќе останат бајковитите години кога „црвено-црните“ во три години освоија две титули во Лигата на шампиони.
Во историјата на Вардар 1961 голем број на странски играчи се запишани со златни букви, дел од нив дури добија надимаци, кои имаат големо значење кога станува збор за македонската историја.
Еден од нив е Илија Абутовиќ. Приказната во Вардар ја започна во 2011 година, а беше дел од две фајнл-фор завршници. Во 2017 година во Келн со тогашните соиграчи го подигнаа првиот пехар, следната година откако не успеаја одлучи дека е време за разделба.
Никогаш не криеше дека во Скопје ги минал најубавите денови. Стана миленик на публиката на Вардар, а фановите милуваа да го викаат Илија Војвода, беше главен столб во дефанзивата на најтрофејниот ракометен колектив.
Денеска Абутовиќ ќе биде на другата страна на теренот. Тој од оваа сезона е член на Пелистер, најголемиот ривал на Вардар за титулата. Ќе биде чудно за многумина бидејќи ќе го носи зелениот дрес, но времињата се менуваат, исто како и амбициите.
Дерби мечот меѓу Вардар и Пелистер е закажан со почеток во 17:45 часот.