Денеска во 14 часот во меч од 8.коло во ПМФЛ, на Градскиот стадион во Тетово се игра големото, ако не и најголемото дерби во мак – фудбалот, а во него се среќаваат Шкендија и Вардар. Ова ќе биде „црвено – црно“ дерби, ова ќе биде пресметка меѓу клубовите кои заедно “тежат“ 15 титули, кои пред една деценија заедно доминираа во мак – фудбалот, но и клубови кои цели три (Шкендија) или четири години (Вардар), не знаат што е титула.
Јасно е дека кога играат Вардар и Шкендија, или Шкендија и Вардар како денеска, сите погледи се кон овој меч, без разлика што денеска речиси сите други средби од ова коло се екстра значајни.Секоја чест за сите, но Шкендија и Вардар се нешто посебно.
И двете екипи влегуваат во дербито со порази во средата, тетовци беа поразени од Гостивар а Вардар, со оној гол од офсајд, од Силекс. Токму затоа ова дерби е екстра значајно и за двете екипи. Факт е дека тетовските „црвено – црни“ се во мала предност, имаат подобар тим, играат пред своите фанови, релативно се во подобра форма, но зарем некој може да го отпише така лесно овој Вардар.
Шкендија во средата покажа дека и покрај сиот квалитет има слабости и тоа како, Вардар со Захариевски на клупата секако дека ќе се обиде да изнајде начин како да дојде барем до бод, додека на момците на Јетон Беќири им одговара само победа и веројатно поради тоа се ставени под притисок.
Секако дека денеска под Шара ќе биде спектакл, Вардар како и во сите други градови во Македонија, а посебно во Тетово, е магнет за публиката. Фановите на Шкендија, “Балистите“, ќе дојдат во поголем број и едвај чекаат дербито да почне, штета што ќе ги нема “Комитите“, но за такво нешто ќе мораме да почекаме некои други времиња во нашиот фудбал.
Што се однесува до традицијата ова ќе биде нивна 67.пресметка. Досега Шкендија е нешто подобра, има 27 победи, а Вардар се радувал на 23 меча, додека без победник се одграле 16 средби. Гол разликата е 86:81 за Шкендија. Последниот меч во Скопје заврши со резултат 1:1, а последен пат Вардар славел над Шкендија пред точно седум години кога на 14 октомври 2017 беше 4:2 за скопските „црвено – црни“. Од тогаш се одиграле 18 средби а Шкендија нема пораз од Вардар на официјални мечеви. Ќе видиме како ќе биде денеска.
Значи денеска спектакл под Шара, играат гигантите на мак – фудбалот, Шкендија и Вардар.