Манчестер Јунајтед ќе мора да плати отштета од околу 17,5 милиони фунти на Ерик тен Хаг доколку челниците на Олд Трафорд решат да го отпуштат Холанѓанецот. Интересно е тоа што оваа сума е околу половина од она што „црвените ѓаволи“ го заштедија по отпуштањето на 250 вработени во обид да ги намалат вишокот трошоци. Дваесеткратните шампиони претрпеа понижувачки пораз од 3:0 од Тотенхем во неделата попладне, што предизвика нов бран шпекулации за иднината на менаџерот.
Сепак, печатот во Англија е уверен дека тој ќе добие шанса за „поправен“ оваа недела, кога Манчестер Јунајтед ќе му гостува на Порто во Лигата на Европа, а потоа игра со Астон Вила во Премиер лигата. Потоа следува пауза за репрезентациите при што повторно ќе се преиспита неговата иднина и со слаби резултати на овие два меча речиси сигурно ќе остане без работа.