Пишува: Зоран Ѓоршоски
Во изминатите денови бевме сведоци на тешки инциденти во Неготино и Куманово, да не говориме за Кавадарци, потоа онаа судиска лакрдија што се случи на Арената кога Вардар со гол од офсајд загуби од Силекс. И како капак на се, вчера се случи Тетово.
Едноставно продолжува хаосот во мак – фудбалот.
Не дека тоа е нешто ново под Шара кога играат Шкендија и Вардар, туку вчера како да беше некако пожестоко. Можеме само да претпоставиме што ќе се случеше ако при резултат 0:0 во таа 90+5.минута, Вардар постигнеше гол за победа, па прво беше покажан офсајд од помошникот, за да потоа му се признае голот за победа од 0:1. И Вардар победи под Шара со гол од офсајд, ја победи Шкендија со 0:1. Како што беше на Арената меѓу Вардар и Силекс.
Можете ли да претпоставите што тогаш ќе се случеше? Или ако на овој меч имаше и гостински фанови, што тогаш можевме да очекуваме?
Сега некој ќе рече дека некој провоцирал, дека некој ова, па она…
Ајде да се држиме до фактите.
Сепак прво треба да се биде реален и да се каже дека Шкендија заслужено победи, си заслужи.
Сега за фактите.
Дали голманот на Вардар беше удрен? Дали по мечот токму тој беше “изваден“ од теренот со помош на десетина специјалци како да е најголемиот терорист а не фудбалер или голман, како сакате? Дали беа фрлани предмети на теренот? Дали судијата Трпчевски направи кардинални грешки во неколку наврати и покрај убедливото водство на Шкендија? Дали секогаш кога гостува Вардар под Шара кај Шкендија, ова “црвено – црно“ дерби е „жешко“ во најблага смисла на зборот? Дали има националистички и непристојни скандирања?
Има уште многу дали, но доста е и ова. На сите овие прашања одговорот е – ДА!
И сега прашањето зошто е тоа така. Зошто едноставно ова дерби барем еднаш не заврши како што треба, нормално, па играчите на двете екипи заедно го напуштат теренот? Како ривали а не како најголеми душмани, иако приватно сите тие се големи пријатели.
Аман више, на човек да му се одмили и фудбал, да не му текне веќе да дојде на стадион како обичен фан на Шкендија или Вардар, или пак да дојде да работи како новинар.
Ова се пишува барем 15 години и повеќе, после секој меч меѓу Шкендија и Вардар, се упатуваат апели и ништо. Се си е по старо.
И зошто кога играат Шкендија и Вардар мора цела држава да се тресе? И зошто место ова дерби да биде фудбалски празник, е нешто сосема трето или десетто?
Јасно е дека ако сакаме вакви работи да не се случуваат во иднина мора да се реагира со празнење на трибините, па со прекин на средбата и регистрирање на мечот со службен резултат. Секако и со суспензија на теренот, па кој и да е, па кој и да е домаќин. Со високи парични казни од по 50.000 евра најмалку, со притворање на поединци кои прават проблеми како што е во Шпанија, а потоа и затворски казни. Кој и да е, каде и да се случува ова, не само во Тетово.
Само така ќе ни дојде умот, само така.
П.С.
Знаете ли вчера дека најмирниот тренер во историјата на мак – фудбалот, Ќатип Османи, бил исклучен, добил црвен картон на мечот Струга ТЛ – Гостивар? Да, да, точно е тоа. Ова не е за верување, но ете штом еден Ќато како тренер на Струга ТЛ реагирал и добил исклучување веројатно и на него му “прекипело“.
И тој не можел да се помири со тоа дека хаосот во мак – фудбалот продолжува.