Легендарниот шпански играч за врска Андрес Иниеста ќе стави крај на фудбалската кариера на 8 октомври. Самиот играч го навести токму тоа со видео на социјалните мрежи утрово.
40-годишниот играч од средниот ред моментално е без тим откако минатата сезона ја мина во Емирати клубот од ОАЕ, но неговиот договор истече летото. Тој продолжи да тренира самостојно и да ја одржува формата во Дубаи, но со оглед на неуспехот да најде нов клуб, реши да ги закачи копачките. Така, на 8 октомври Иниеста јавно ќе го објави своето повлекување од фудбалот.
Датумот не беше случајно избран, бидејќи во поголемиот дел од кариерата го носеше дресот со број 8 во своите клупски тимови. Во врска со неговите идни планови, играчот од средниот ред неодамна призна дека има намера да ја добие тренерската лиценца и исто така никогаш не ја криел желбата да се врати во Барселона.
Токму во каталонскиот клуб Иниеста ги помина најдобрите години во кариерата. Во период од 16 години одигра 674 натпревари со 57 гола и 135 асистенции за првиот тим на Барса, станувајќи еден од најдобрите играчи на клубот досега, освојувајќи импресивни 32 трофеи, вклучувајќи 9 титули во Ла Лига и уште 4 во Лигата на шампионите.
Покрај тоа, играчот од средниот ред помина 5 сезони во јапонскиот Висел Кобе, каде додаде уште 3 трофеи во својата колекција. Тој не е икона само на Барселона, туку и на шпанскиот фудбал воопшто. Со неговиот гол во финалето на СП 2010 Шпанија ја освои единствената светска титула до сега, а тој е и двократен европски шампион во 2008 и 2012 година. За својата татковина, играчот од средниот ред забележа 131 натпревар со 14 гола и 30 асистенции.
COMING SOON🔜8️⃣🔟2️⃣4️⃣ pic.twitter.com/H0eaSKkTwU
— Andrés Iniesta (@andresiniesta8) October 1, 2024