Кошаркарите на Пелистер денеска на домашен терен го играат премиерниот меч од АБА2 лигата во кој за противник ќе го имаат составот на Широки Бријег, дуелот почнува во 18 часот.
Андрија Бојиќ, кој уште на мечот против МЗТ Скопје во Супер Куп пресметката покажа дека е едно од најголемите засилувања на битолчани смета дека поразот од македонскиот првак мора да се остави зад себе и да се извлече поука.
„Она што прво треба да го направиме е да го оставиме зад себе оној меч со МЗТ Скопје од пред неколку дена. Ние сме многу подобар тим од она што го покажавме на тој натпревар, работевме напорно во текот на подготовките и сакаме да излеземе на терен со нашето вистинско лице, да ги покажеме квалитетите што ги поседуваме. Противникот е квалитетен, но истото се однесува со нас, а верувам дека со помош на навивачите можеме да стигнеме до посакуваниот триумф“, изјави Андрија Бојиќ.
Бојиќ ланската сезона ја мина во дресот на Слобода Тузла, со што имаше можност да одигра повеќе натпревари против денешниот ривал.
„Навистина, играв неколку средби со Широки ланската сезона и можам да кажам дека е тоа искусна екипа што ја краси цврста кошарка. Никогаш не е лесно да се игра со такви тимови, мора да се биде стопроцентно фокусиран од почеток до крај. Она што според мене ќе биде клучно е борбата под обрачите, офанзивниот и пред се затворањето на рекет и дефанзивниот скок. Ако успееме да издоминираме во овој аспект од играта, ќе направиме голем чекор напред за да се радуваме на крајот“, порачува Бојиќ.