Утре со почеток во 11 часот на прес – конференција, селекторот на нашата најдобра фудбалска репрезентација Благоја Милевски, ќе го објави списокот на играчи на кои ќе смета на претстојните мечеви со Летонија и Ерменија.
Познато е дека и двете ги играме на гости, прво на 10 октомври и гостуваме на Летонија, додека три дена подоцна ќе играме во Ереван против Ерменија.
Македонија во Лигата на Нации е во сегментот – Ц во групата 4. Стартот во септември не беше идеален. На Гибралтар освоивме само бод, додека дома славевме против Ерменците, па така со 4 бода во групата го дочекуваме октомврискиот циклус.
Што се однесува до списокот, знајќи ја филозофијата на селекторот, не се очекува којзнае какви измени во списокот без разлика што половина и повеќе од нашите репрезентативци немаат никаква или имаа мала минутажа во своите клубови и не се во најсилна натпреварувачка форма.