Битола не можеше да посака поубаво сценарио, во првиот настап на Пелистер на домашен терен во АБА2-лига. Македонскиот вицепрвак беше подобар од Широки со 74-73. Пред дуелот тренерот Александар Петровиќ најави многу поинаква сезона, а според денешниот резултат се чини дека во Битола навистина ќе се игра добра кошарка.
Антоан со 16 поени беше прв стрелец, зад него беше Мишковиќ со 13 поени и 11 скока, девет поени имаше Бојиќ.
Битолчани мечот го отворија со 9-0, веднаш го превземаа водството и најавија навистина поинаков меч. На другата страна противникот кон крајот на првата четвртина успеа да поведе со 17-19, но македонскиот тим веднаш израмни на 19-19. Во продолжение Пелистер успеа да сочува резултатска позитва, благодарение на серијата од 8-0 поведе со плус девет (34-25), на одморот резултатот беше 37-33.
Ништо не се смени ниту после одморот, македонскиот тим држеше ритам, се чинеше по 67-54 во последната четвртина лесно ќе го приведат мечот, но гостите се заканија сериозно, со серија од 12-0 дојдоа на еден поен неагтива (67-66) за драма во салата „Боро Чурлевски“.
Антоан постигна четири поени во низа и направи важен чекор кон победата, на другата страна Широки не успеа да се закани посериозно и да приреди пресврт. Пелистер на крајот заслужено се радуваше на победата.