Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике смета дека тој е одговорен за поразот од Арсенал (2:0) во Лондон во рамките на второто коло од Лигата на шампионите. Арсенал го надигра ПСЖ на тактички план, а фудбалерите на ПСЖ на моменти немаа идеја што сакаат на теренот.
„Не сакам да го вперувам прстот кон поединци. Јас ја превземам одговорноста за поразот. Можам да кажам дека го заслуживме. Донарума, како и сите други играчи, беа на минимален стандард. Противникот беше подобар и е еден од најдобрите тимови на светот, посебно во воздушните дуели“, изјави Луис Енрике.
„Не може да се оствари резултат кога не можеме да ги добиеме дуелите на терен, кога противничките играчи ги „читаат“ нашите напади и нашите напаѓачи не успеваат да пројдат покрај одбраната на противникот“, изјави шпанскиот тренер.
Потоа ја прокоментира разликата меѓу Арсенал и ПСЖ.
„Мислам дека Микел Артета веќе пет години го води Арсенал. Од друга страна, јас ја водам оваа екипа една година и два месеци“, кратко одговори тренерот на шампионот на Франција.