Попладнево се одиграа трите последни натпревари од 1/16 финалето во Купот на Македонија, па така познати се и последните патници во следната фаза, а тие се Гостивар, Македонија ЃП и Воска.
На “Борис Трајковски“ во Скопје, големиот фаворит, тимот на Гостивар со рутински 3:1 ја совлада Победа и успеа да оди во 1/8 финалето. Прволигашот со головите на Ивановски, Машике и Ајдини поведе со 3:0, додека гостите од Прилеп со гол во 70.минута успеаја само да го ублажат поразот.
Треба да се каже дека овој меч доцнеше половина час поради ненавременото доаѓање на амнбулантното возило.
Во Струмица на мечот Беласица – Македонија ЃП решаваа пеналите. По тие 2:2 во регуларниот дел од средбата, а стрелци беа Митров и Стојанов за домашните и Мароски и Велкоски кај гостите, се изведуваа пенали. А таму поуспешни беа “лавовите“ кои ги реализираа сите пет пенали, додека струмичани еден не погодија, и тој во последната серија, па така Македонија ЃП се пласираше во следната фаза од Купот.
Во Гостивар гостинската екипа на Воска Спорт, инаку финалист од последното финале, успеа со 0:2 да слави над Башкими кој беше домаќин и со тоа да се протне во следната фаза, велиме протне зошто двата гола паднаа во последните минути. Прво Донарт Ибраими во 89.минута погоди за 0:1, за да во 90+3.минута Клинтон Осеи од пенал ги постави конечните 0:2.
Ова значи дека екипите на Гостивар, Македонија ЃП и Воска им се придружија на Тиквеш, Шкупи, Аресими, Брера, Шкендија, Брегалница, Беса, Шкендија Арачиново, Силекс, Детонит, Струга ТЛ, Пелистер и Вардар во 1/8 финалето на ова натпреварување.
РЕЗУЛТАТИ – ДЕНЕСКА
БАШКИМИ – ВОСКА 0:2
БЕЛАСИЦА – МАКЕДОНИЈА ЃП 2:2 (4:5 п)
ГОСТИВАР – ПОБЕДА 3:1