Алкалоид според планот – со цел „плен“ од Кавадарци за продолжување на перфекцијата

85

Алкалоид ја оправда улогата на фаворит против ГРК Тиквеш, на гостински терен славеше со 25-31 во последниот меч од петтото коло во Супер-лигата. За избраниците на Кирил Лазаров ова беше петта победа во исто толку одиграни натпревари. На другата страна за ГРК Тиквеш ова беше трет пораз, има една победа и реми.

Митев со шест гола беше прв стрелец, зад него беше Серафимов со пет погодоци. На другата страна Обина имаше седум гола.

Кавадарчани имаа сили до 20-та минута, по која Алкалоид со серија од 2-7 на одморот замина со позитива од шест гола (13-18). Во вториот дел кавадарчани дојдоа на 16-19, период во кој гостите седум минути беа без постигнат гол, но тоа не го поремети нивниот ритам. Поведоа со 17-25 и ја стабилизираа играта.

Алкалоид во 49-та минута остана со играч помалку, а неколку грешки беа причина за да ГРК Тиквеш направи серија од 4-0 и да доближи на 21-25. Никола Костески од седум метри го прекина налетот на противникот за 21-26.

Кавадарчани не се откажаа не само што намалија на 24-27, туку и не искористија шанса да приредат драма. На другата страна Серафимов постигна важен гол за 24-28. Алкалоид не дозволи изненадување, смирено го приведе мечот во своја корист.

ПретходноЛЕ: Лацио ја декласира Ница, Тотенхем славеше кај Ференцварош…
СледноОдлично деби на Нено во Евролигата, сепак Олимпија Милано со пораз!