НетПрес: Дали претседателот на Управен суд и претседателот на ФФМ зеле 100.000 евра мито и го оштетиле државниот буџет за 500.000 евра?

893

Дали на повидок е нов скандал поврзан со претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини?

Еве што денеска пишува порталот НетПрес:

Судството во нашата земја трпи жестоки критики од сите страни, а посебно во последните години кога довербата кај граѓаните падна на најниско ниво – само 2 отсто му веруваат.

Колку е ерозирано нашето општество во политичко-непотистички врски може да се види само по неколку примери. ДУИ како политичка партија е предводник на тие стандарди, кои ги постави толку „високо“ што никој во блиска иднина не би можел да ги стигне.

Еден од таквите примери од редовите на ДУИ е семејната релација претседател на Управен суд со претседател на Фудбалската федерација на Република Македонија. Двајцата претседатели, инаку први братучеди, се Бурим Сејдини и Мумаед-Мети Сејдини.

Едниот претседател во една од највисоките правни инстанци во државата, другиот на најголемата спортска федерација во земјава. Она што е загрижувачко за нив двајца е тоа што на социјалните мрежи може да се видат написи кои ние ги пренесуваме во форма како што се објавени. Во објавите се посочува дека преку Мети Сејдини од ФФМ се ургирало кај неговиот братучед Бурим Сејдини, да се забрзаат предмети кои ослободуваат од данок 500.000 евра една позната компанија за коцкање. На постот може да се види и барањето, односно поднесокот, ургенција до Управен суд за вкупно шест предмети, со што официјално се бара нивно приоритетно решавање.

Во Ургенцијата се наведува и дека по сите други предмети со кои било конастатирано дека постапиле спротивно на законот ги регулирале обврските спрема државата, односно платиле пресонален данок на доход и камата за секој ден доцнење.

Во одговорот на ургенцијата Управниот суд истакнува дека барањето на компанијата по 5 предмети е одобрено – У-5.бр.44/2023, У-5.бр.46/2023, У-5.бр.432/2023, У-5.бр.433/2023 и У-5.бр.435/2023 со основ персонален данок, приоритетно се дадени во работа. Само еден предмет, со основ персонален данок е одбиен, односно предметот У5.бр.45/2023.

А, во продолжение профилот „д-р Таќи“ на социјалната мрежа „Х“ споменува и за земено мито од околу 100.000 евра, со сведоци кои наводно му ги предале парите на Муамед-Мети Сејдини за да се заврши ургенцијата.

Профилот понатаму пишува дека ова е единствен случај каде што за неполни 3 месеци, во период од февруари до мај, годинава, се завршиле овие ургенции и компанијата која го дала митото ги добила случаевите на Управен суд, кои инаку биле против државата, а со тоа државата била оштетена за околу 500.000 евра.

За оваа работа профилот наведува дека ќе објавува и други докази, а сега за сега ја има објавено само ургенцијата од компанијата за коцкање до Управниот суд за спорови кои се водат против државата.

Ако сето ова е вистина, тогаш надлежните служби и институции во државата ќе треба да се позанимаваат со оваа работа, која и те како е сериозна, а најмалку по допрен глас да го испитаат овој случај.

НетПрес стапи во контакт со претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, но тој не сакаше да даде изјава за овој случај. Ни рече дека тоа ќе го направи во понеделник. Исто така на електронската пошта на ФФМ, а во интерес на времето и навремено информирање, му испративме барање за изјава, како и во порака на апликацијата „Вибер“.

До објавувањето на текстот никаков повратен одговор од него не добивме.

Инаку во јули, годинава, беше поднесена кривична пријава против претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини, поради сомневања за рачна распределба на предмети со злоупотреба на АКМИС системот.

ПретходноФИФА и се закани на Шпанија со одземање на организацијата на СП 2030
СледноАргентинецот само што дојде веќе е несреќен во Атлетико Мадрид!