Стартува новата сезона во Првата лига: МЗТ Скопје оди по нов трофеј, шампионот е најголем фаворит!

73

Со генерален спонзор, „Мтел“ како префикс, денеска стартува новата, 33. по ред првенствена сезона во најсилното клупско натпреварување во нашата земја – Првата лига.

Раководството на Македонската кошаркарска федерација им овозможи на 12. прволигашки клубови многу полесно функционирање за деновите кои следуваат, а во кои МЗТ Скопје Аеродром ќе биде во улога на бранител на шампионскиот трофеј, и не само тој, туку и оние другите освоени во Купот, а пред некој ден и Суперкупот на Македонија.

По Суперкупот на ред е и она официјално „отворање“ на првенствената сезона.

Онаа во која 12. клубови ќе се обидат да ги остварат своите поставени цели – да стигнат до што е можно подобар пласман и ги реализираат и желбите на своите следбеници, симпатизери.

Добар дел од нив и да тргнат во мисија која се граничи со прекин на шампионската серија на МЗТ Скопје, која трае ли трае.

Извесно е дека токму во тие обиди на конкуренцијата ќе протекне новиот шампионат во кој, јасно е, екипата од Аеродром влегува како најсериозен кандидат, да додаде уште една шампионска звездичка во историјатот на нашето најквалитетно натпреварување, и уште повеќе да му се доближи на својот најголем ривал – Работнички.

Пет шампионски пехаро дојдоа во „Јане Сандански“ од 2019 година, можеби таа бројка ќе беше и поголема доколку короната не беше присутна и на кошаркарските терени во нашата земја.

Како и да е, потезите кои ги направи раководството на „металците“  во периодот помеѓу двете сезони е јасна најава дека се подготвени да тргнат во одбрана на она што го постигнаа во последните години.

Ги вратија назад во Аеродром Андреј Магдевски и Андреј Маслинко, плус и младинскиот репрезентативец Димитар Зетов, но и дополнение со нови странски кошаркари како Брендон Слај, Милош Копривица и Дион Едвин, кои се замени за Танасковиќ, Делалиќ, Ворку, и секако Дамјан Робев (се пресели во Работнички).

Извесно е, а и резултатите во изминатите неколку сезони го покажаа тоа, дека нивен главен конкурент во битката за шампионскиот трон, секако и Купот на Македонија, е екипата на Пелистер.

Битолчани направија сериозна промена на играчкиот ростер, а ново име имаат и на тренерската клупа во Александар Петровиќ.

Домашната „база“ во екипата од Битола ја пополнија Бобан Стајиќ, Петар Бошалески, Виктор Ташовски и Дамјан Крстевски, додека пак нови странски имиња се Брајан Антоан, Мајк Едвардс, Андрија Бојиќ и Никола Мишковиќ.

Доста менуваа ова лето и во „Градски парк“, но голем знак на прашалник е како ќе функционира најтрофејниот клуб во нашата Прва лига – Работнички.

Црвено-белите“ имаат скоро нов тим во кој своите минути ќе ги бараат играчи како Дамјан Робев, Бојан Стојаноски, Амар Хот, Марко Спасовски, Оливер Двојаковски, додека нови странци во составот кој ќе го предводи Горан Самарџиев се: Михајло Јовичиќ, Весли Персон и Имран Полутак.

Од ланската прва „четворка“ во нашата прва лига, останува ТФТ. И тоа е екипа која доживеа една „трансформација“, секако во оној играчки дел. Особено тоа се однесува за играчите кои доаѓаат „од страна“.

На располагање тренерот Боро Смилковски ќе ги има Би-Џеј Гринли, Џејлен Гафни, Дарио Говенс, во „црно-белата“ униформа ќе биде и младинскиот репрезентативец Тома Стојаноски (дојде од Гостивар), како и повратникот, Иван Сапунџиев, кој во изминатиот период настапуваше за екипата на Пелистер.

Многу „новитети“ има и во играчкиот состав на екипата на Чаир 2030.

Во изминатиот период во Чаир дојдоа: Ајзеја Кели, Зек Ролинс, Тејвион Кирк, се врати Диванте Мофит, а нови засилувања се и Љубиша Димитровски и  Мети Тачи, кои лани играа за сега веќе, новиот прволигаш Шкупи.

Дека многу работи се во знакот на промените говори уште еден, па макар бил и технички податок. Во Кавадарци повторно ќе се навива за Тиквеш (со суфикс Голден Игл), кој го „испрати“ Еуро Никел 2005 во историјата

А со овие промени во „градот на виното“ стигнаа и оние другите, во играчкиот дел. Нови играчи на Тиквеш се: Исак Џонсон, Мајк Грин, Том Квери, но и Габриел Коскоски, но многу битен момент е оној кој вели дека ќе го нема најискусниот, Дарко Соколов (ќе продолжи да игра во Гостивар).

Феникс 2010 делуваше доста стабилно во ланската сезона, но во настапувачката сериозен хендикеп ќе биде „отсуството“ на играч како Бојан Трајковски, кој стави крај на играчката кариера.

А и оваа година има комплетна измена на оние места за странците. Оттука во новиот тим на Феникс 2010 сега се: Мајлс Браун, Дае Дае Грент, Адам Цисе, но и некогашниот јуниорски репрезентативец, Таулант Ибраими.

Во новата сезона Гостивар ќе се потпре на искуството кое со себе го носат играчи како Дарко Соколов и Ненад Зивчевиќ, секако, квалитетите на Ксавиер Родес, Џонатан Комагум, Младен Грушановиќ. 

Менуваа и на југот, Кожув има доста изменет тим во однос на ланскиот. И овој новиот на тимот од Гевгелија ќе го предводи Апостоли Апостолов, а младиот тренер ќе има на располагање искусни играчи како Фран Пилепиќ, плус Андреја Стевановиќ, Мајл Хауард, но и младите репрезентативци како Алек Петкоски и Никола Бојчев.  

Во ланската „десетка“ е и Вардар, екипа која успеа да го обезбеди опстанокот во друштвото на најдобрите. Во новата ќе тргне со неколку нови играчи. Од странците се: Дешеан Хемптон, Кори Рели-Рос, а свои минути ќе чекаат и талентираните Кристијан Столески и Христијан Настовски.

Нови членови на елитната дивизија во оваа сезона се и екипите на МКК Куманово и Шкупи.

Се чини дека доста респектабилен ростер имаат кумановци. Освен оној играчки „костур“ од ланската сезона, шефот на струката Марин Докузовски ќе има уште „подолга ротација“, особено ако се знае дека во Куманово дојдоа играчи како Антабиа Волер, Тадија Тадиќ, Александар Радукиќ и Урош Луковиќ, а свое место во тимот ќе бараат и Лука Димитриевски, односно братскиот двоец, Карло и Паоло Блажевски.

Да се биде заокружено во знакот на промените се погрижи и Шкупи. И тука има доста нови кошаркари, особено од странство, како Грег Трибл, Џекори Арчи, Декуан Вилијамс, Данило Аранитовиќ, но и неколку наши поранешни младински репрезентативци како Борјан Стојановски, Виктор Златевски и Димитар Иванов.

ПРВА „МТЕЛ“ ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 1. КОЛО (5/6.ОКТОМВРИ)

5. ОКТОМВРИ (САБОТА)

13.00: ТФТ – МКК Куманово

Сала на СРЦ „Кале“ – Скопје

16.00: Шкупи – МЗТ Скопје Аеродром

Сала на СРЦ „Кале“ – Скопје

19.00: Работнички – Феникс 2010

Сала на СРЦ „Кале“ – Скопје

6. ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)

15.00: Вардар – Гостивар

Сала на КК „Вардар“ – Скопје

18.00: Тиквеш Голден Игл – Пелистер

Сала „Јасмин“ – Кавадарци

19.00: Чаир 2030 – Кожув

Сала „Шабан Трстена“ – Скопје

ПретходноКривањева: За мене мечевите со Вардар секогаш се нешто посебно!
СледноБањаја победи во спринтот за ГН на Јапонија!