Во текот на оваа седмица со ждрепка беа одредени натпреварувачките броеви за стартот ан новата сезона во домашните одбојкарски првенства. Според договорот, сезоната во двете прволигашки конкуренции за мажи и за жени ќе започне на 19 октомври. Годинава Првата лига во машка конкуренција ќе брои 13 тимови, додека кај дамите ќе имаме 8 прволигашки екипи.
Ждрепката сакаше шампионот Струмица новото првенство кај мажите да го почне на домашен терен во дуел со екипата на Лирија. Во рпвата рунда ќе се сретнат и Вардар 1947 – Работнички 71&22, Штип УГД – Универзитет во Тетово, весна Пробиштип – Шкендија, Борец – Сушево и Скопје – Македонија Џио. Слободен во првото коло ќе биде тимот на Јанта Волеј.
Кај дамите, премиерното коло ќе донесе големо дерби. Финалистите од минатата сезона, шампионот Работнички и вицепрвакот Струмица ќе се сретнат на отворањето на сезоната во Скопје. Вардар ЕМ ќе игра со новајлијата Ускана, Наковски Волеј за противник ќе го има Младост УГД, додека Јанта Волеј се среќава со градскиот ривал Фит Фан Волеј.