Пишува: Зоран Ѓоршоски
Пет победи, четири ремија и без пораз со гол разлика 12:4 лидер на табелата после 9.коло е Работнички. Да, Работнички!
Тимот од Дебар Маало завчера славеше и во Охрид кај Воска, ги искористи ремијата на Шкендија во Кратово и на Гостивар дома со Беса, и сега со 19 бода е прв на табелата. Следуваат Шкендија (18), Гостивар (17), Струга ТЛ (15), тоа е тоа.
Па така тимот на Горан Станиќ во текот на овие две недели за време на репрезентативната пауза ќе се перчи од врвот и тоа апсолутно заслужено.
Работнички во текот на овие изминати девет кола играше и со Шкендија, Струга ТЛ, Силекс и никој, никој не ги победи „романтичарите“.
Јасно е дека има уште многу, многу да се игра, уште цели 24 кола во текот на оваа сезона, но нашиот втор најтрофеен клуб покажува и докажува дека се враќа при врвот на мак – фудбалот и тоа како.
Станиќ си ја знае работата, извлекува максимум од оваа екипа, им дава шанса и минутажа на младинците и успешно ги промовира. Значи можело да имаш добри резултати, но и да промовираш свои екстра таленти во првиот тим.
Сега јасно е дека Шкендија, Струга ТЛ и Гостивар со оглед на играчкиот кадар, буџетите и се останато, се фаворити за титулата во оваа сезона, но на 20 октомври на Арената се игра дербито од 10.коло меѓу Работнички и Гостивар, и тука ако тимот од Дебар Маало победи, е тогаш некои работи ќе се менуваат.
За останатите мечеви од ова 9.коло речиси се да е кажано. Струга ТЛ беше подобра од Вардар на Арената и заслужено победи и покажа дека шампионот се враќа во “игра“.
Шкендија во Кратово одигра само 0:0, Трумчи и Коцев заработија исклучување, по тој меч тетовци повторно со соопштение се огласија во врска со судењето, но факт е дека загубија два екстра важни бода.
Гостивар беше супер фаворит против Беса и не победи. Веројатно гостиварци го потценија ривалот, но тимот од Добри Дол покажа “заби“, и тоа како, и одигра 1:1.
Алпарсан Ердем уште на стартот му донесе победа на Шкупи и тоа со 3:1 против Брера. Чаирчани беа разиграни, ефикасни, но треба да се види како овој тим на Ердем ќе игра на гостувањата. Тоа е поважно.
Во “братското дерби“ во Битола Пелистер и Тиквеш одиграа без голови и освоија по бод. Важно беше за нив да не загубат.
Сега малку, две недели, ќе одмориме од ПМФЛ, а потоа на 20 октомври повторно се враќаме со мечевите од 10.коло.