Одбојкарките на шампионот Работнички се подготвуваат за пат за Романија, каде в среда ќе го одиграат реванш мечот од 1. коло во најсилното европско натпреварување, Лигата на шампионите, против романски Волунтари. По поразот на првиот меч во Струмица, Работнички е практично без шанси за изненадување, но пред нашите одбојкарки е уште еден меч од кој може да се стекне големо искуство.
Без разлика на конечниот резултат на дуелот во Миовени (среда, 19 часот), нашиот првак ќе остане на европската карта најмалку уште два меча. Работнички по Лигата на шампионите ќе продолжи во првата рунда од ЦЕВ Купот, каде повторно ги чека романски ривал.
Ждрепката сакаше Работнички во првата рунда од ЦЕВ Купот да се сретне со екипата на Алба Блај. Овие две пресметки ќе бидат во ноември и ќе бидат уште една добра можност за избраничките на тренерот Деспотовски да акумулираат неопходно интернационално искуство.